Лидерите на Франција, САД, Египет и Јордан со телефонска координација за Газа (ДПЛ)
- Францускиот претседател Емануел Макрон, американскиот претседател Доналд Трамп, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и кралот на Јордан Абдула Втори денеска одржаа телефонски разговор за да ја разгледаат ситуацијата во Појасот Газа, се наведува во соопштение од кабинетот на францускиот претседател.

Париз, 7 април 2025 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон, американскиот претседател Доналд Трамп, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и кралот на Јордан Абдула Втори денеска одржаа телефонски разговор за да ја разгледаат ситуацијата во Појасот Газа, се наведува во соопштение од кабинетот на францускиот претседател.
Четворицата лидери разговарале за потребата од итно воспоставување прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците што се наоѓаат таму, се наведува во соопштението на египетското претседателство.
Во текот на разговорот, Макрон, како и лидерите на Египет и Јордан, ја истакнале неопходноста од мобилизирање на меѓународните напори за ставање крај на страдањата на палестинскиот народ и за примена на решението за две држави во израелско-палестинскиот конфликт.
Телефонскиот разговор се одржа непосредно пред пристигнувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, каде што се сретна со американскиот претседател Трамп.
Се очекува Макрон утре да ги посети магацините со хуманитарна помош наменета за Газа и болница во која се лекуваат ранети Палестинци од Појасот Газа. ссм/
фото: архива