• петок, 27 декември 2024

Лидерите на ЕУ подготвени да подржат заедничко купување муниција за Украина

Лидерите на ЕУ подготвени да подржат заедничко купување муниција за Украина

Брисел, 23 март 2023 (МИА) - Лидерите на Европската унија на самитот во Брисел денеска соопштија дека се подготвени во следните 12 месеци да го поддржат планот за испраќање во Украина на еден милион парчиња артилериска муниција за да и помогнат на земјата да се спротивстави на руските сили.

Веста ја соопштија неколку високи дипломати на Европската унија, нагласувајќи дека министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ претходно неделава го одобрија планот за забрзана процедура за купување, а лидерите на 27-те земји членки на Унијата  конечната одлука ќе ја донесат на самитот во Брисел, пренесоа американските медиуми.

Откако по повеќе од една година интензивни борби  Украина се соочи со недостиг на муниција естонската премиерка Каја Калас минатиот месец ја претстави идејата ЕУ да донесе заеднички план за набавки на муниција сличен на оној што беше смислен за време на пандемијата на коронавирус за купување вакцини.

-Најитната потреба на Украина е брзото испраќање муниција, бидејќи тоа може да донесе промена во оваа војна, рече Калас.

Според планот, Европската агенција за одбрана ќе одговори на барањата на земјите-членки за надополнување на залихите паралелно со испораките и ќе води брза процедура за директни преговори со добавувачите на индустријата за муниција во Европа.

-Кога ќе ја имаме оваа заедничка набавка, одбранбената индустрија ќе има нарачки и можност да го удвои своето производство, бидејќи тоа досега не го правела, изјави Калас.

Според различни проценки, Украина дневно истрелува 6.000-7.000 артилериски гранати, што е само околу една третина од вкупниот број што го истрелува Русија. сд/

 

Остани поврзан