• четврток, 26 декември 2024

Лидерите на ЕУ бараат остри санкции против Минск и режимот на Лукашенко

Лидерите на ЕУ бараат остри санкции против Минск и режимот на Лукашенко
Брисел, 24 мај 2021 (МИА) – Шефовите на држави и влади на ЕУ вечерва се согласија дека Европската Унија треба да воведе низа рестриктивни мерки кон лица и ентитети во Белорусија поради приведувањето на опозиционерот Пратасевич и принудното слетување на авионот на Рајанер во Минск, јави дописничката на МИА од Брисел. Текстот на лидерите на ЕУ, усвоен пред малку, повикува веднаш да биде ослободен Пратасевич и бара од Советот на ЕУ да усвои санкции кон инволвираните лица и ентитети во овој меѓународен скандал, како што го нарече претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел. Режимот во Минск вчера принуди патнички авион да слета во Минск затоа што во него патувал Пратасевич со девојка му. Европската Унија смета дека ова е неприфатлив чин како поради опозиционерот така и поради загрозувањето на безбедноста на патниците во авионот. Лидерите на ЕУ исто така бараат да се усвојат таргетирани економски санкции кон Белорусија, предлозите треба да ги поднесе шефот на ЕУ дипломатијата, Јосеп Борел. Од сега ЕУ очекува од авиокомпаниите да го избегнуваат воздушниот простор на Белорусија и бараат од Советот на ЕУ формално да усвои забрана за прелетување на авионскиот простор над ЕУ за белоруските авиокомпании. Од безбедносни причини дебатата помеѓу 27-те шефови и држави на ЕУ вечерва во Брисел се одржа во невообичаени сигурносни услови без присуство на мобилни телефони и електронски направи. Дипломатски извори во Европскиот Совет брифираат дека текстот за Белорусија бил брзо усвоен од сите земји членки, со што ЕУ сака да испрати сигнал дека е обединета откако во последните месеци поделбите помеѓу земјите членки за клучни досиеја поврзани за надворешната политика значајно ја ослабеа Европската Унија – меѓу другото во однос на Русија и на Израел. Дипломатите во ЕУ велат дека загриженоста на денешниот состанок била силна пред сè поради тоа што во прашање е безбедноста на европските граѓани кои биле присутни во авионот на Рајанер. За потсетување ова не е прв пат да се изречат таргетирани санкции против лица во Белорусија, последен пат тоа се случи за време на протестите во оваа земја минатата година. Претседателот Александар Лукашенко е веќе на списокот на санкционирани лица во ЕУ. Лидерите на ЕУ сега преминаа на дебата за Русија во истите безбедносни услови. Се очекуваат заклучоци подоцна во текот на вечерта, но на оваа тема останува отворено прашањето дали ќе се постигне истото единство со оглед на привилегираните односи на Русија со некои земји членки, највеќе Унгарија. тм/јт/

Остани поврзан