• среда, 25 декември 2024

Ливерпул апелираше до навивачите да не се собираат пред „Енфилд“

Ливерпул апелираше до навивачите да не се собираат пред „Енфилд“
Ливерпул, 20 јули 2020 (МИА) - Фудбалскиот клуб Ливерпул се приклучи на апелот на полицијата и градските власти и ги замоли своите фанови да го следат доделувањето на шампионскиот трофеј во Премиер лигата од дома и да не се собираат пред стадионот „Енфилд“. Ливерпул го освои првенството оваа сезона, за прв пат по 30 години. Трофејот ќе му биде претставен на тимот в среда по натпреварот со Челси на „Енфилд“. Клубот, надлежните и здружението на навивачи ги предупредија приврзаниците на Ливерпул дека собирот среде пандемијата на коронавирусот продолжува да претставува голема закана за локалните заедници. Телевизијата Скај Спорт ќе го емитува натпреварот и доделувањето на трофејот бесплатно. - Клупските и телевизиските компании внимателно се подготвија да обезбедат милиони луѓе да уживаат во овие специјални моменти, на екранот, во удобноста на своите домови. Во оваа пригода, најдобро место во куќата е дневната соба. Едноставно нема корист од доаѓањето на стадионот, затоа што ние како град не можеме да дозволиме луѓето да се соберат во голем број, се наведува во објавата на надлежните, пренесе „Скај“. Полицијата предупреди дека ќе бидат преземени „дополнителни мерки“ за растурање на навивачите, доколку не се следат упатствата. Илјадници навивачи се собраа минатиот месец пред „Енфилд“ кога Манчестер Сити загуби од Челси, што му донесе титула на Ливерпул. Фудбалерите на Ливерпул ќе бидат претставени со трофејот на специјално изграден подиум на „Коп“, опкружен со знамиња на навивачи.

Тагови

Остани поврзан