• недела, 24 ноември 2024

Ле Мер: Франција води независна политика од САД

Ле Мер: Франција води независна политика од САД

Париз, 13 април 2023 (МИА) - Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер изјави дека Франција и Европа сакаат да го следат патот на независна политика од Соединетите Американски Држави и Кина, но имаат намера да бидат „силни и сигурни сојузници на САД“.

На маргините на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, тој рече дека постоела силна координација меѓу Париз и Вашингтон за нивните ставови за Кина пред неодамнешната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на таа земја.

Коментарите на Ле Мер доаѓаат во екот на жестоките реакции во САД и Европа поради повикот на Макрон до Европската Унија да ја намали зависноста од САД и ја предупреди да не биде вовлечена во кризата околу Тајван, која е водена од „американскиот ритам и кинеската претерана реакција“.

Запрашан за коментарите на Макрон, Ле Мер рече дека контроверзноста е „многу врева за ништо“, бидејќи францускиот претседател со години се залага за таков пристап.

„Сакаме Европа да биде суверена. Мислам на геополитички прашања, индустриски прашања, технолошки прашања, сакаме Европа да биде понезависна. Ова е во центарот на француската политика повеќе од шест години“, рече Ле Мер.

Тој рече дека Макрон разговарал со американскиот претседател Џо Бајден пред да ја посети Кина и додаде дека САД, Франција и Европа имаат „координиран пристап“ кон односите со Кина.

„Сакаме да ја ангажираме Кина затоа што цврсто веруваме дека најдобриот начин да се добијат конкретни резултати од нашата врска е да се вклучи Кина“, рече Ле Мер.

Тој додаде дека вклучувањето на Кина е неопходно за да се стави крај на руската инвазија на Украина, но и за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и обезбедување олеснување на долгот на сиромашните земји.

Ле Мер нагласи дека Макрон побарал од Кина да води повеќе дијалог за прашањата поврзани со Тајван.

„Бараме од Кина да ги деескалира воените дејствија околу Тајван“, рече францускиот министер.

Инаку, Макрон синоќа оцени дека да се биде сојузник на САД не значи да се биде нивен вазал. - Да се ​​биде сојузник не значи да се биде вазал. Да се ​​биде сојузник не значи дека веќе немаме право да размислуваме со своја глава, рече тој на прес-конференција во Амстердам. „Франција е за статус кво во Тајван, ја поддржува политиката на една Кина и бара мирно решение на ситуацијата“, додаде тој.

Макрон предизвика бран на недоразбирање во САД и Европа барајќи од Европската унија „да не ги копира“ Вашингтон и Пекинг за прашањето на Тајван. Изјавите веднаш беа протолкувани како дистанцирање од Вашингтон. - Позицијата на Франција и на Европејците за Тајван е иста: ние сме за статус кво, изјави францускиот претседател во Амстердам. „Таквата политика е константа, не е променета“, потенцираше Макрон. ссм/

фото: Твитер скриншот

Остани поврзан