• четврток, 26 декември 2024

Летово зголемен бројот на кумановци кои бараат помош за несоница

Летово зголемен бројот на кумановци кои бараат помош за несоница
Куманово, 12 август 2022 (МИА) - Зголемен е бројот на кумановци кои бараат помош за несоница, покажуваат податоците на кумановската општа болница. Лекарите информираат дека пациентите се жалат на тешкотии при заспивање, чести будења, рано станување што во текот на денот им предизвикува умор, недоволна концентрација, нервоза. Стручните лица велат дека несоницата е еден дел од првичните симптоми од спектарот на некое заболување кое укажува на дисбаланс во психичкото здравје.
– Во последниве месеци сè почесто доаѓаат пациенти кај кои првичната поплака е несоница. Таа е симптом, кој прв покажува дисбаланс во психичкото функционирање кај човекот. Несоницата се јавува кај повеќе психијатриски состојби и од невротски и од психотичен карактер, се јавува и кај растројства на расположение и кај состојби кои се потрајни, а се дел од карактерната структура на личноста, изјави д-р Адриана Богдановска Тоскиќ, специјалист по психијатрија во општа болница Куманово. Како што појаснува, несоницата е аларм за начинот на функционирањето на луѓето. Некои од пациентите се соочуваат со проблем при заспивање, други се будат во ноќта, трети стануваат рано. – Обично е резултат на зголемена анксиозност и на оптовареност и појава на други пропратни симптоми, опсесивни мисли, пад на расположението. Несоницата може да ја искористиме како аларм дека треба да се погрижиме за нашето психичко здравје, изјави д-р Богдановска Тоскиќ. Лекарите при третирањето го дијагностицираат потеклото на несоницата дали е предизвикано од извесно нарушување, за што е потребна и психијатриска-психолошка проценка. Стручните велат дека има пациенти кои на своја рака земаат лекови, што, според нив е недозволиво. – Првично треба да се знае хигиена на сонот, активност во текот на денот, подготовка за спиење, што значи да го алармираме телото и умот дека треба да следи сон. Не може да очекуваме дека брзо ќе заспиеме ако во ноќните часови користиме мобилни телефони, телевизори, просториите ни се осветлени, а очекуваме телото да се смири и одмори. Сè тоа се тригери кои стимулираат активност на организмот, а не го смируваат телото. Прво што треба да се направи е хигиена на сонот, подготовка за спиење, а потоа ако тоа нема успех тогаш, исклучиво во консултација со лекар применуваме лекови, вели доктор Богдановска Тоскиќ, гешталт психотерапевт ОЛИ интегративен психодинамиски психотерапевт. Од несоница страдаат и помлади и повозрасни кумановци. Лекарите препорачуваат во текот на вечерта да се подготви организмот за спиење, да се организира денот, да се направи рутина која ќе се следи секоја вечер. Оние кои страдаат од подолготрајни несоници треба да посетат лекар. ам/дма/

Остани поврзан