• среда, 25 декември 2024

Летно едноставно домашно ѓубриво за розите и хортензиите во дворот

Летно едноставно домашно ѓубриво за розите и хортензиите во дворот

Лос Анџелес, 17 јyли 2024 (МИА) - Летото чини бројни сезонски растенија, како што се хортензиите и розите, да бидат во полн цут... Но, со една тајна состојка се добиваат уште поздрави и подолготрајни цветови, велат искусните градинари.

Имено, на хортензиите и розите им треба повеќе калиум во однос на други цвеќиња, а заради поголеми, подолготрајни и поживописни цветови... Рејчел Пакстон, американски стручњак за градинарство и основач на блогот „Криејтив хоуммејкинг“ (Creative Homemaking), сподели дека еден од најдобрите начини да „ги нахраните“ цвеќињата лете е - со кора од банана.

Има неколку начини да се направи ѓубриво од кора од банана, но најдобри се вкопувањето во земјата, или - „чај“ од лушпата.

За да се нанесе кората директно на цвеќето, сѐ што треба да се направи е таа да се исечецка на мали парчиња и потоа да се вкопаат во почвата околу растението. Се користат лушпи од две или три банани за растение. Вкопувањето на лушпата подлабоко во почвата гарантира дека штетниците не би можеле да дојдат до неа, но и побрзо распаѓање и испуштање на хранливите материи во почвата.

Налето, тоа се прави еднаш месечно за цвеќе роза или хортензија.

За да направите „чај“, пак, од кора од банана, потребни се, исто така, две банани по растение, како и шише, цедалка и вода. Лушпите задолжително се мијат, се сечат и се ставаат во шишето, па се додава вода. Така лушпите отстојуваат во вода на собна температура, неколку дена. Тие потоа се вадат од водата, а течноста оди за наводнување на растенијата.

Цвеќето може да се полева така на секои две до четири седмици лете.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан