• четврток, 26 декември 2024

Летен креативен камп во рамки на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“

Летен креативен камп во рамки на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“
Скопје, 24 август 2022 (МИА) - Во Богданци се одржа Летен креативен камп „Литера“, како прва годинашна активност на истоимениот Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца. Кампот се одржа во просториите на Графичката работилница „Софија“ и учествуваа деца на возраст од 5 до 12 години. - Тие имаа можност да работат во повеќе сликарски и графички техники, читаа, пишуваа и создаваа концепт за книга, од идеја до реализација, односно до печатница. Дел од она што научија децата е што е колаграфија, кои биле зографите и како функционирале тајфите, кои биле основноположници на македонската ликовна уметност, како се бориме со предрасудите кон лицата со посебни потреби преку филмската уметност,  соопшти организаторот - Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“. Кампот беше отворен и за децата од Богданци, кои во голем број доаѓаа да видат и научат нови нешта. Менторката Камелија Србова, која со години ја посетувала Графичката работилница „Софија“ во нејзиниот град и таму ја усовршила техниката колаграфија, им ја пренела и на малите креативци. Пренесување на искуството, но и на љубовта кон уметноста е мисијата на „Литера“, а тоа е впечатокот и на другите едукатори. Според менторката на работилницата за креативно пишување Магде Ангова, изненадувачки е колку многу децата се интересираат за пишувањето. -Најдобро од сѐ е тоа што меѓу нив има навистина талентирани млади луѓе, на кои единствено им треба поттик. Апелирам да се одржуваат повеќе вакви работилници, особено работилници за креативно пишување, зашто неоткриен талент е како дијамант кој стои пред нас, а ние го гледаме како обично камче, вели Ангова. Мултимедијалниот уметник и едукатор Доротеј Нешовски смета дека Летниот камп „Литера“ не само што отвора можности за активно поминато време на децата, туку им овозможува да созреат во визуелен и концепциски идентитетски наратив. -Ова значи изразување без граници, чувствување на слободата во играта со материјалите, истражувањето на ликовните техники и медиуми и експериментирањето со придобивките од стекнатите знаења. Испитувајќи ги своите граници, децата си создаваат крилја за да летаат во уметноста, во креативноста и во својот имагинарен свет. Ме радуваат сериозните кампови и нивната намера за поубав свет во полето на ликовноста, истакнува Нешовски. Четвртото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ годинава има патувачки карактер. Целта е квалитетните изданија да стигнат до што повеќе деца низ цела држава. Според организаторите, децентрализацијата на активностите значи поддршка на детската креативност, како  и поттик за македонските автори и илустратори да создаваат нови и квалитетни дела за најмладите. Следната фестивалска активност ќе биде реализирана на 2 и 3 септември во Општина Валандово и селата Чалакли и Казандол. хс/са/

Остани поврзан