• вторник, 17 декември 2024

Лепиткова: Дел од планината Кожуф, едно од топ подрачјата за прогласување на геопарк

Лепиткова: Дел од планината Кожуф, едно од топ подрачјата за прогласување на геопарк

Кавадарци, 13 декември 2024 (МИА) - Дел од планината Кожуф, делот на Тиквешкото Езеро до кај селото Мајден, до светски познатиот рудник Алшар, како посебна геолошка вредност, позната и од светски ранг, е едно од топ подрачјата што експертскиот тим при Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип го предлага за прогласување како геопарк. 

Ова го соопшти денеска во Кавадарци, проф. д-р Соња Лепиткова, координатор на проектот, пред и за време на одржувањето јавна расправа по проектот „Анализа за проценка на потенцијални гео паркови во Република Северна Македонија“. Презентација на резултатите од проектот имаа Лепиткова и проф. д-р Ѓорѓи Димов, член на експертскиот тим и декан на факултетот.

Со присуство и дискусија на присутните, Лепиткова истакна дека очекуваат да се даде придонес во успешно финализирање на проектот, како и во негово понатамошно развивање, со цел земјава да го добие првиот УНЕСКО геопарк.

Таа рече дека првпат во државата се прави една сеопфатна анализа за избор на локации со гео вредности и може да бидат потенцијални простори за прогласување на една нова форма на заштита, како геопарк заштитено подрачје. Во светот имало такви геопаркови, за заштита на геолошкиот диверзитет. 

Лепиткова рече дека земјава и регионот на општина Кавадарци имаат посебни вредности. 

За геопарк, појасни дека е форма на заштита поддржана од УНЕСКО, каде ќе се работи на економски развој, развој на геотуризам и вкупен туризам, со што туристите ќе можат да ги видат сите природни вредности.  Таа подвлече дека УНЕСКО ги промовира геопарковите. 

На настанот беа презентирани и другите потенцијални подрачја за геопаркови во иднина. свд/мд/


Фото: МИА 

 

Остани поврзан