• вторник, 24 декември 2024

Левица ја повлече тужбата против Канал 5 за неовластено објавување личен запис, бара спогодба со новинарката

Левица ја повлече тужбата против Канал 5 за неовластено објавување личен запис, бара спогодба со новинарката

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) – Политичката партија „Левица“, застапувана од Димитар Апасиев, денеска во Основниот кривичен суд Скопје ја повлече тужбата против уредникот Гоце Михајловски и трговското друштво Канал 5 за неовластено објавување личен запис, додека остана на тужбата против новинарката Михаела Димовска, со барање за спогодба. 

Основниот Кривичен суд ја раздови постапката, со оглед дека тужбата против второ и третообвинетиот се запира, а следното рочиште е закажано за 19 декември. Доколку во меѓувреме дојде до спогодбено мирење, Судот треба да биде известен. 

Одбраната на второобвинетиот и третообвинетиот преднајавија трошоци за постапката.

Апасиев, посочи дека со оглед на фактот дека со главниот уредник и директорот на Канал 5 има, како што рече, десетина судски спорови тужбата ја повлекува, додека за првообвинетата ја задржуваат тужбата и барањето за спогодбено.

- Сметаме дека има случај со првообвинетата. Со второ и трето обвинетите имаме уште десетици спорови, што парнично, што кривично и сметаме дека има основ да се продолжи кривичното гонење, но бидејќи сум соработувал со новинари, впрочем сум го пишувал и првиот колективен договор за новинари, сметам дека има простор за помирување. Тоа го понудивме. Судот го прифати и остануваме месец дена доколку има простор да се помириме, доколку нема ќе продолжиме да се судиме, изјави Апасиев. 

Новинарката Михаела Димовска, пред Судот, рече дека за неа овој предмет е безпредметен, и дека остава простор преку адвокатакиот тим да се направи обид за спогодбено помирување.

- Сега, како единствена обвинета се чувствувам уште посилна како новинар. Јасно е која е целта на оваа тужба, која што сметам дека е правно неиздржана и тоа е јасно, тоа е да не замолчат и заплашат. Но, напротив она што го добиваат како возврат е дека ќе бидеме уште погласни и помотивирани, изјави Димовска, по денешното рочиште.

Гоце Михајловски, по денешното рочиште пред новинарите го покажа, како што рече, обичниот лист хартија, поради кој Левица ги тужи и порача дека системот мора да најде начин, како што рече, да се заштитат новинарите од вакви тужби. 

- После првото рочиште, кое се одложи, многумина прашуваа за што Левица не тужи. Тоа е овој еден обичен лист хартија. Безначен, затоа што станува збор за некаква одлука за разрешување на некаков координатор во Левица, а е обично ливче хартија, затоа што нема ниту потпис, ниту печат. Точно знаат што прават. Го нашле ова кривично дело за кое се гони по приватна кривична тужба, бидејќи знаат дека системот нема начин како таа тужба да ја одбие, без да се води судски спор, изјави Михајловски. 

Директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, по судењето изрази, како што рече жалење што Апасиев продолжува со „слеп“ тужбите, така што ја повлекува тужбата против главниот и одговорен уредник и телевизијата, а ја остава тужбата со простор за некакво договарање со новинарката. 

- Сметам дека овој чин е некоректен. Јас му понудив да ги отфрли тужбите против моите колеги, а да ја остави тужбата против мене лично и против Канал 5. Не ја прифати, ниту судот, ниту тој, изјави Мирчевски.

Во однос на изјавата на Апасиев дека постојат десетина тужби и спорови, Мирчевски, рече дека тој знае само за два – еден каде тој ги тужи и втор каде тој и Канал 5 го тужат Апасиев за клевета и навреда.  

Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, по денешното рочиште, изрази жалење што ова е осмиот случај на „слеп“ тужба во земјава, кои како што рече, служат не за да се добие правда, туку да се замолчат и малтретираат, емотивно и финансиски новинарите. 

- Ова го сметаме за пропуштена прилика да се повлече оваа неоснована тужба и да ги ослободи од обвинение нашите колеги. Меѓутоа, сепак, тужителот се реши да го фокусира своето внимание на колешката, изјави Секуловски, изразувајќи оптимизам дека случајот ќе биде отфлен од судот и со тоа ќе се демотивираат тужителите да гонат новинари во иднина за вакви, како што нагласи, неосновани дела. 

Тужените, според тужбата, како соизвршители, во вестите на „Канал 5“ противзаконски објавиле интерен партиски документ со степен на доверливост класифициран како деловна тајна, при што, според Левица, умислено го сториле кривичното дело „Неовластено објавување личен запис“, казниво по член 148 од Кривичниот законик. аа/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан