Левица: Стратешко партнерство или стратешки пион - САД воведе повисоки царини за Македонија
- СООПШТЕНИЕ -

4 април 2025
Санкциите што САД ги воведоа на Македонија, со зголемување царини на увоз на роба за 33% - со стапки повисоки од оние наметнати на земји кои со години се под американски санкции - се очигледен доказ дека Република Македонија за САД всушност никогаш не била стратешки партнер, туку само стратешка алатка во служба на нивните империјалистички интереси.
Повеќе од две децении македонските политички елити, без разлика дали доаѓаат од ДПМНЕ или СДС, водат вазалска политика потчинета на Вашингтон. Под превезот на тнр. „стратешко партнерство“, Македонија ги прифати сите ултиматуми од САД - од Охридскиот рамковен договор, промената на името па сè до склучување зделки погубни за домашната економија со единствена цел за задоволување на интересите на американските корпорации.
Сето ова не ја поштеди Македонија од ударите на „стратешкиот партнер“. Додека народот плаќа милијарди на американски компании како „Бехтел и Енка“ при што Собранието воведува робовладетелски противуставни закони за работа од 72 часа неделно и додека буџетот за НАТО се зголемува на штета на македонските граѓани, САД ја косат македонската економија со драконски царини.
Кмет на ваквите политики во Македонија е Христијан Мицкоски, кој во очајнички обид да ѝ се додвори на новата екстремнодесничарска американска администрација, годинава неколкупати го посети Вашингтон, присуствувајќи дури и на инаугурацијата на Претседателот на САД Доналд Трамп. Ваквото шеткање на Мицкоски и неговата делегација низ маргиналните коридори на американската администрација на Република Македонија успеа да ѝ донесе фатален економски удар среде ужасната криза во која нашата држава се наоѓа.
Потребата за активно вклучување во тековите на мултиполарниот свет никогаш не била поочигледна, а Левица е единствена партија којашто се залага за партнерство со сите земји членки на Советот за безбедност на ООН, како и приоретизирање политика на економска и инвестициска соработка, а не марионетско фигурирање кое форсира пристрасност, противречие и функција на пион во меѓународни трговски битки.
Позицијата на Левица останува јасна - Република Македонија нема да биде колонија на САД и ќе води внатрешна и надворешна политика врз основа на сопствените интереси, а не раководена од диктатот на Вашингтон и Брисел.
ПП Левица
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.