• среда, 25 декември 2024

Левица: Ревизијата откри низа неправилности на клиника за неврологија - ОЈО да реагира

Левица: Ревизијата откри низа неправилности на клиника за неврологија - ОЈО да реагира

Скопје, 4 октомври 2024

Клиниката за неврологија заради кадровските решенија на Таравари е целосно уништена. Последните ревизорски извештаи за Универзитетската клиника за неврологија во Скопје фрлаат светлина врз скандалозна неефикасност, кражба и злоупотреба на финансиски средства и лекови за ретки болести.

До март 2023 година, директор на клиниката беше Иван Барбов (кадар на СДСМ назначен од Таравари), а потоа за в.д. директор беше назначен доктор Висар Мифтари (кадар на Таравари), кој на тоа место дојде директно од Тетовската болница.

Барбов и Мифтари правеле набавки на скапи лекови и медицински средства без консултација на стручниот колегиум, па си овозможиле кражба на скапи лекови, додека ја оставиле Клиниката без потребниот материјал за работа и без потребните лекови.

Комисијата за имуномодулаторна терапија која е формирана на Клиниката, не работела по соодветни критериуми, туку овозможила лекување на пациенти со врски и без утврден правилник кој од пациентите ќе има право на лекување при и така ограничените ресурси за набавка на терапијата.

Клиниката има реализирано само 13% од законскиот минимум на прегледи кои треба да ги реализира. Тоа е очигледна тенденциозна политика која дополнително го ослабнува јавното здравство, на сметка на профитите во приватните болници.

Клиниката плаќа 25 лица со договор на дело секој месец, повеќето фантом - вработени кои само земале плата. Министерството за финансии нема дадено согласност за овие партиски вработувања, така што, сепак, кадрите на Таравари ги реализирале.

Во континуитет гледаме како владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ премолчува коруптивни и скандалозни практики, од кои директно страдаат здравствениот систем и граѓаните.

Директорот на Клиниката, Висар Мифтари, назначен од Алијанса за Албанците (сега дел од владејачката коалиција), покажа неспособност за управување со оваа важна здравствена установа. Ревизорите открија финансиски неправилности и неефикасно искористување на средствата од Фондот за здравствено осигурување (FZO), како и неправилно управување со сопствените приходи на Клиниката.

Ова не е прв скандал поврзан со Мифтари. Уште додека беше назначен, ВМРО-ДПМНЕ гласно ги осудуваше неговите постапки, ставајќи акцент на неговото „нецивилизирано однесување и мобинг“. Но сега кога ВРЕДИ е дел од нивната Влада, партијата молчи и ги прикрива сите злоупотреби.

Каде е ВМРО-ДПМНЕ сега кога Мифтари треба да одговара за уништување на работата на Клиниката и зошто поранешниот министер, а сега директор - Фатмир Меџити продолжува да го поддржува Мифтари?
Очигледно, критериумите за избор на кадри се целосно политички и не ја отсликуваат потребата за компетентно раководство.

Левица бара итна одговорност за Мифтари за секое прекршување за време на вршење на функцијата и ОЈО да отвори истрага за злоупотребите на средствата во Клиниката! Народот не може повеќе да плаќа за корупцијата и неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ!

 

ПП Левица

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан