• сабота, 06 декември 2025

Левица предлага измени на Законот за финансирање на политичките партии

Левица предлага измени на Законот за финансирање на политичките партии

Скопје, 28 април 2025 (МИА) - Левица предложи измени на Законот за финансирање на политичките партии, со цел да се спречи ситуацијата во која партии кои немаат политичко влијание и добиваат само десетици гласови, се финансираат со енормни суми од државата. Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ на денешната прес-конференција истакна дека актуелниот Закон дозволува партиите со минимално локално присуство да стануваат финансиски паразити.

Нагласи дека моментално има политички партии кои немаат речиси никаква локална поддршка помеѓу нашите заедници и во нашите локални населенија, тие партии добиваат само неколку десетици гласови, а потоа добиваат 70.000 евра од државната каса.

-Овие предлог-измени се со цел демократизација на општеството. Затоа што многу долго малите партии во Македонија, на начин на којшто е конципиран нашиот политички систем, тие стануваат пајтон партии на поголемите коалиции и така остваруваат цели за поголемите партии, а не придонесуваат за демократизација на амбиентот во Македонија. И од друга страна, ова ќе спречи тие да остваруваат енормни приходи врз буџетот на граѓаните, а да немаат никаков политички агенс во државата, наведуваат од партијата.

Мециновиќ додаде дека тие како партија се подготвени за предвремени парламентарни избори, бидејќи како што рече, ВМРО-ДПМНЕ во моментов се на стаклени нозе, поради тоа што се случува во коалицијата, односно последните чекори на Арбен Таравари и неговите пратеници.

-Затоа во овие ситуации, каде владејачкото мнозинство има турбуленции, мислам дека нема да дозволат предвремени парламентарни избори, ние сме подготвени, а за тоа што сега треба да зборуваат јавноста и медиумите, тоа е конечно да се отпочне процесот на менување на изборниот модел, затоа што предолго чекаме измени за таа една изборна единица. Едно од главните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ и на оваа Влада во овој момент е реформа на изборниот модел и таа реформа произлегува од години, децении извештаи од ОБСЕ. Нашиот фокус во овој  момент е да се отпочнат некакви измени на Изборниот законик во таа насока, затоа што измените на Изборниот законик најверојатно ќе има и тие измени ќе се однесуваат на локалната политика, затоа што ВМРО-ДПМНЕ ја експлицира таа идеја за можен референдум за отповикување на градоначалници во општините, во кои тие немаат подобни кандидати, нагласи Мециновиќ, наведувајќи ги примерот на Град Скопје. 

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан