• понеделник, 18 ноември 2024

Левица: Косовската партија „Самоопределување“ директно се меша во внатрешните работи на Македонија

Левица: Косовската партија  „Самоопределување“  директно се меша во внатрешните работи на Македонија

Скопје, 26 декември 2023

Партијата „Самоопределување“ на косовскиот премиер Албин Курти, ќе биде дел од изборната трка на претстојните парламентарни избори во Македонија.

Ова беше најавено од т.н коалиција „Европски сојуз за промени“ на Африм Гаши од Алернатива, Биљал Касами од Беса и Изет Меџити како одметник од ДУИ. Имено, како претставник на косовскиот премиер Курти, дојде Беким Ќоку, како негов "советник за Македонија“, каде партијата беше најавена како „четврти столб на албанската опозиција во Македонија“.

Ваквиот чин на директно политичко мешање на косовски државни и политички структури во внатрешните политички процеси на Македонија претставува сериозна закана за суверенитетот на Македонија. Најавите се дека токму советникот на Курти, Беким Ќоку ќе биде дел од листите за пратеници - затоа што поседува двојно државјанство.

Левица, антиципирајќи ги токму ваквите иредентистички појави, во нашата Изборна програма од 2020 година, предвидува забрана за можноста да се извршуваат високи државни функции од страна на лица со две или повеќе државјанства.

Ова претставува уште една потврда дека преку партијата на косовскиот премиер Курти се прават обиди за воспоставување на единствена политичка сцена во регионов, преку која ќе се манифестираат заложбите исклучиво на албанската етничка заедница, што пак претставува сериозна закана за унитарниот карактер на Македонија.

Иконографијата карактеристична за балистичката идеја за голема Албанија не изостанува во ниту една пригода од која дел е партијата на Курти. Така беше и за време на неговата неодамнешна посета во Тетово, така беше и сега на отворањето на канцеларијата на споменатиот „Европски сојуз за промени“, каде се вееја знамиња со картата на голема Албанија.

Доколку се дозволи било какво учество и политичка ангажираност на косовската владејачка партија во Македонија и не се казнат таквите досегашни активности, тоа ќе претставува опасен преседан, каде трите лидери на предизборната коалиција, составена од три иредентистички политички платформи заедно во директна соработка со владејачка партија на Приштина, ќе се борат за власта во Македонија.

Оттука, Левица смета дека ваквите политички упади од страна на Приштина не треба да бидат само предмет на Изборниот законик и Законот за политички партии, туку тие треба да бидат предмет на безбедносните служби на државата, кои се должни да го штитат суверенитетот и територијалниот интегритет на државата и да спречат било какви обиди кои делуваат во насока на загрозување на унитарниот карактер на државата, кои со самото тоа претставуваат закана за националната безбедност.

Сектор за медиуми и односи со јавност на ПП Левица 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан