• четврток, 26 декември 2024

Левица: Итно носење нов ДУП за реонот кај фабриката ,,Tреска"

Левица: Итно носење нов ДУП за реонот кај фабриката ,,Tреска

16 октомври 2023 

Иако Јавното обвинителство води истраги за имотот на фабриката Треска во Општина Центар, поради што Антикорупциската комисија се изјасни дека на просторот на Треска не смее да има градежни активности додека траат двете истраги - просторот на бившата фабрика забрзано се расчистува за градење, а веќе е издадено и одобрение за еден од објектите и се работи на ископот.

Да потсетиме дека гигантот за производство на мебел "Треска", во кој работеа преку 600 работници, отиде во стечај 1994 година, оставајќи ги работниците без 24 исплатени плати и 18 месеци придонеси! Сега, кога се започна со градба на можеби најатрактивната локација во Општина Центар, потсетуваме на каков криминален начин овој имот на фирма во државна сопственост премине во рацете на градежните тајкуни.

Имено, стечајниот управител, иако имал должност да ги впише објектите на ,,Треска" за истите да влезат во стечајната маса, со што би можеле да ги обештетат и работниците, не го сторил тоа. Со денационализацијата, имотот преминува во рацете на семејството Виќентијевиќ. Бидејќи објектите на Треска не се легализирани, истите сега си ги легализираат новите сопственици.
Со ова, овој имот при рушење се признава во поврат на комуналии, со што се оштетува и буџетот на Општина Центар и Град Скопје за милионски суми.

Градоначалникот Герасимовски, иако има овластување и позитивни процедури – не иницира носење нов Детално урбанистички план, иако ДУП-от по кој сега се расчистува теренот - е веќе истечен, и тоа двапати (датира од 2012, а ДУП треба да се носи на секои 5 години)!

Кому му служи Градоначалникот на Центар, Герасимовски и неговата СДСМ? На интересот на граѓаните на Центар, или на неколку семејства од одбрани центри на моќ?
Левица се залага за итно носење нов ДУП за овој реон, и расчистување со барем овој дел од долгите пипци на градежната мафија.

Сектор за медиуми и односи со јавност на ПП Левица

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан