ЛДП изразува сериозна загриженост за гласањето на Македонија во Генералното собрание на ОН и ја осудува агресијата на Русија врз Украина
- Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува загриженост по повод одлуката на Република Северна Македонија да се воздржи при гласањето за резолуцијата во Генералното собрание на Обединетите нации која ја потврдува поддршката за територијалниот интегритет на Украина и воедно ја осудува агресијата на Руската Федерација.

Скопје, 25 февруари 2025
Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува загриженост по повод одлуката на Република Северна Македонија да се воздржи при гласањето за резолуцијата во Генералното собрание на Обединетите нации која ја потврдува поддршката за територијалниот интегритет на Украина и воедно ја осудува агресијата на Руската Федерација.
Нашата, но и позицијата на македонското Собрание преку усвоената Декларација е јасна и недвосмислена: Македонија мора да стои цврсто на страната на меѓународното право, демократијата и суверенитетот на сите земји, вклучувајќи ја и Украина. Одлуката за воздржаност претставува не само политички сигнал кој може да ја наруши нашата евроатлантска ориентација, туку и да ја доведе во прашање нашата посветеност на принципите на правдата и правото кои се основа на нашето членство во Европската Унија и НАТО.
Како кандидат за членка на Европската Унија, мора да имаме јасно усогласување на својата надворешна политика со политиките на ЕУ. Во ова време на глобални кризи, Македонија треба да биде доследна во поддршката на вредностите на ЕУ, вклучувајќи ги демократските принципи, човековите права и суверенитетот на земјите. Воздржаноста при гласањето на Европската резолуција за Украина е знак на неусогласеност со официјалните позиции на Европската Унија, која ја поддржува Украина во нејзината борба против агресијата.
ЛДП повторно ја потенцира итната потреба за предвремен крај на оваа агресивна војна во Украина и апелира за постигнување праведен, траен и сеопфатен мир. Нашиот глас мора да биде во согласност со вредностите што ги делиме со нашите меѓународни партнери.
Фото: МИА архива
Либерално-демократска партија
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.