• четврток, 26 декември 2024

Лајчак. Статутот на ЗСО мора да биде прифатлив за двете страни во дијалогот

Лајчак. Статутот на ЗСО мора да биде прифатлив за двете страни во дијалогот

Брисел,  2 мај 2023 (МИА) - Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска изјави дека статутот на Заедницата на српските општини (ЗСО) мора да биде прифатлив за двете страни и во согласност со европските стандарди.

Во пресрет на новата рунда преговори меѓу Белград и Приштина во Брисел, каде што треба да биде претставен првиот Нацрт-статут на ЗСО, Лајчак за Хина изјави дека од двете страни ќе зависи како тој документ би изгледал.

-Менаџерскиот тим ќе го претстави нацртот. Не знаеме што има во него, но тоа треба да биде почеток на процесот. На крајот треба да имаме статут што е прифатлив за двете страни, и Косово и Србија, во во согласност со европските стандарди. Тоа е првиот важен чекор, рече Лајчак.

Тој изјави дека денеска првпат ќе се види работата на Менаџерскиот тим чија задача, според Бриселскиот договор од 2013 година, е да подготви статут за формирање на ЗСО. Менаџерскиот тим се состои од четири лица стационирани во Косово, кои беа формално ангажирани од косовската Влада, но номинирани од општините со мнозинско српско население.

Лајчак повтори дека ЕУ не сака да создаде ЗСО врз основа на модел што не е тестиран, туку врз основа на некои од постојните европски модели.

-Затоа мораме да го спроведеме претходно договореното, но во исто време мора да црпиме инспирација од практичните решенија на постоечките европски модели. Не сакаме да создадеме нешто што никогаш не било тестирано никаде во светот, сакаме страните да најдат инспирација во европските модели дека добро работат, рече Лајчак.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Аљбин Курти вечерва во 18 часот ќе имаат средба во Брисел, како дел од новата рунда дијалог под покровителство на ЕУ, чиј фокус е имплементација на Договорот на патот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, за што двајцата лидери постигнаа договор на 18 март во Охрид.

Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) соопшти дека се очекува партиите да ја усвојат Декларацијата за исчезнати лица, која ќе биде прва точка на дневниот ред, а потоа ќе следи презентација и расправа за првиот Нацрт-статут на Заедница/Заедница на општини со српско мнозинство на Косово. сд/

Остани поврзан