• сабота, 23 ноември 2024

Лајчак: Спроведувањето на Охридскиот договор меѓу Белград и Приштина суштински допрва треба да започне

Лајчак: Спроведувањето на Охридскиот договор меѓу Белград и Приштина суштински допрва треба да започне

Белград, 25 октомври 2024 (МИА) - Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог, Мирослав Лајчак, по вчерашната средба на главните преговарачи во Брисел, изјави дека спроведувањето на Охридскиот договор меѓу Белград и Приштина „суштински“ допрва треба да започне, јави дописникот на МИА од Белград.

- Во Брисел бев домаќин на главните преговарачи на Косово и Србија. Разговаравме за спроведувањето на Охридскиот договор, кој во суштина допрва треба да започне. Разговаравме и за голем број важни прашања кои произлегуваат од минатите договори и се договоривме за следните чекори, напиша Лајчак по средбата.

Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија беше објавен во февруари 2023 година, а во март во Охрид, Белград и Приштина се договорија за Анексот за негово спроведување, познат како Охридски договор.

Во првиот член од Договорот се вели дека страните меѓусебно ќе развиваат нормални, добрососедски односи засновани на еднакви права и „взаемно признаваат документи и национални симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати“.

Владата на Србија на 26 декември минатата година одлучи да дозволи слободно движење на сите возила од Косово на територијата на Србија, а од 2013 година ги признава косовските лични карти.

Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на посетата на францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Србија исполнила три работи од Охридскиот договор.

Имаше договор и сите разговаравме за тоа дека прво мора да се исполни Заедницата на срспки општини (ЗСО), која не е поместена од мртва точка, а Србија сето тоа го исполни од лични карти, регистарски таблички, царински печати... рече тој.

Директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, во Брисел, по вчерашната трилатерална средба со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, и главниот косовски преговарач, Бесник Бисљими, изјави дека разговорите биле мачни и дека Србија, како и секогаш, инсистирала на формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО). об/паг/

 

 

Остани поврзан