• среда, 25 декември 2024

Лајчак: Општествата во Косово и Србија не се подготвени за нормализација на меѓусебните односи

Лајчак: Општествата во Косово и Србија не се подготвени за нормализација на меѓусебните односи

Белград, 30 август 2024 (МИА) - Претставникот на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, денеска изјави дека постои ризик од дестабилизација на Западен Балкан доколку страните не се вклучат во дијалог и ако продолжат да преземаат некоординирани и итни активности. 

Во интервју за албанската програма на Радио Слободна Европа, Лајчак призна дека минатата година не е направено доволно за спроведување на Охридскиот договор меѓу двете страни, оценувајќи дека општествата во Косово и Србија не се подготвени за нормализација. - Ако ме прашувате мене, проблемот е што двете општества (во Косово и Србија) не се подготвени за нормализација, нагласи тој.

Запрашан како треба да заврши дијалогот, дури и ако треба да вклучува меѓусебно признавање, тој рече дека на страните е да одлучат за тој аспект.

- Дијалогот е од клучно значење за Косово и Србија, доколку се сериозни во однос на нивните европски аспирации, бидејќи Европската Унија многу јасно стави до знаење дека пред сериозно да се размислува за прием, тие мора да ги нормализираат односите. Значи, нема начин да се заобиколи ова, појасни Лајчак.

Тој потсети дека ЕУ е посредник во тој процес, „но процесот е во сопственост на две страни, Косово и Србија“.ссм/

фото: архива

Остани поврзан