• вторник, 12 ноември 2024

Лајчак: Во Приштина се договоривме за следните чекори во дијалогот со Белград

Лајчак: Во Приштина се договоривме за следните чекори во дијалогот со Белград

Приштина, 7 ноември 2023 (МИА) – Посредникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, објави дека со вицепремиерот и главен преговарач на Косово, Бесник Бислими постигнал договор за следните чекори во дијалогот меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Лајчак вчера доцна попладне допатува во ненајавена посета на Косово, каде што се сретна со Бислими, по што синоќа на неговата страница на платформата „Х“ објави дека добил потврда од Приштина дека е подготвена да го продолжи дијалогот со Белград.

„Се сретнав со првиот вицепремиер Бесник Бислими, за да го информирам за последната средба со европските лидери во Брисел и за потребата од целосна имплементација на Договорот за патот за нормализација, без одложувања и предуслови. Исто така, се договоривме и за следните чекори“, напиша Лајчак.

Средбата на Лајчак и Бислими се одржа без присуство на медиумите, а немаше ни обраќање пред јавноста по нејзиното завршување.

Со соопштение се огласи и владината служба за односи со јавноста, која наведе дека словачкиот дипломат и косовскиот главен преговарач во дијалогот со Србија разговарале за аспектите поврзани со целосната имплементација на бриселскиот основен договор и анексот за имплементација договорен во Охрид.

Првиот вицепремиер за европски интеграции, развој и дијалог на Република Косово, Бесник Бислими, имаше работна вечера со специјалниот претставник на ЕУ за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак. На оваа средба се разговараше за сите аспекти кои се однесуваат на целосната имплементација на бриселскиот основен договор и Охридскиот анекс за негово спроведување. Република Косово е посветена на целосна нормализација на односите со Србија и меѓусебно признавање, се вели во соопштението на владата во Приштина.

Лајчак денеска ќе има средби и со лидерите на опозициските партии во Косово, со кои се очекува конкретно да разговара за нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство.

Посетата на Лајчак на Косово доаѓа десет дена по последните средби во Брисел на 26 октомври, каде косовскиот премиер, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ одделно се сретнаа со лидерите на Германија, Франција, Италија и со претставници на ЕУ.

Пред тие средби, петмина западни емисари, предводени од Лајчак и специјалниот пратеник на американскиот претседател Џо Бајден за Балканот, Габриел Ескобар, во Приштина и во Белград, на 21 октомври, го претставија нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство, за кој рекоа дека е модерен европски модел и чија содржина се уште не е објавена.иа/сд/

Остани поврзан