• сабота, 23 ноември 2024

Лацио ќе асистира во потрагата по навивачи кои ги навредуваа црните играчи за време на мечот со Лече

Лацио ќе асистира во потрагата по навивачи кои ги навредуваа црните играчи за време на мечот со Лече

Рим, 5 јануари 2023 (МИА) – Италијанскиот фудбалски прволигаш Лацио излезе со соопштение во кое се вели дека клубот ќе помогне во пронаоѓањето на навивачите на тимот кои навредуваа црномурести играчи на гостувањето од 16. коло на Серија А против Лече (1:2).

За време на натпреварот, навивачите на римскиот клуб вербално на расна основа ги навредуваа дефанзивецот на Лече, Самуел Умтити и неговиот соиграч, напаѓачот Ламек Банда. Во средината на вториот дел, судијата го прекина натпреварот на неколку минути, а на стадионот беше објавено соопштение во кое се бара да престанат навредливите скандирања.

- Нашиот клуб отсекогаш се спротивставуваше на сите форми на расизам и дискриминација со сите расположливи средства и спроведуваше иницијативи насочени кон слабеење на таквите појави. Лацио ги осудува сторителите на овој грозоморен и срамен чин и како и секогаш ќе им пружи максимална помош на властите во пронаоѓањето на сторителите. Приврзаниците на нашиот тим не се расисти и не можат да се поистоветуваат со неколку луѓе кои му наштетуваат на имиџот на клубот, се вели во соопштението на официјалната веб-страница на Лацио.

Лацио се наоѓа на петтото место на табелата во Италија со 30 бодови од 16 натпревари.

Следниот натпревар тимот го игра на домашен терен против Емполи на 8 јануари со почеток во 15 часот. зс/

Остани поврзан