• среда, 25 декември 2024

Лазаров горд на играта на македонските ракометари: Не заслуживме пораз

Лазаров горд на играта на македонските ракометари: Не заслуживме пораз
Дебрецин, 13 јануари 2022 (МИА) – Селекторот Кирил Лазаров го оцени како незаслужен вечерашниот пораз на македонските ракометари од Словенија (25:27) на стартот од Европското првенство и изрази надеж дека неговите избраници ќе бидат резултатски поуспешни во претстојните дуели против Црна Гора и Данска во рамки на групата А. - Горд сум на тоа како одиграа момците. Словенија има играчи кои се дел од најсилните европски екипи. Мислам дека заслуживме барем бод, а можеби и два. Успеавме да спроведеме доста работи на теренот. Физички ги заморивме и ги надигравме, но не верувавме до крај дека можеме да ги добиеме. Се обидов да ги убедам дека можат, но не успеав и тоа е моето единствено разочарување, изјави Лазаров на прес – конференцијата по натпреварот. Македонскиот селектор, кој ден пред дуелот со Словенија се повреди и ќе го пропушти Европското првенство во улогата на капитен, посочи дека ракометарите треба да го остават зад себе вечерашниот пораз и да се фокусираат на претстојните натпревари. - Прво треба да ја совладаме Црна Гора, а тоа нема да биде лесно. Секој натпревар, посебно кога е одлучувачки, е посебно тежок, но мислам дека ќе бидеме сѐ подобри и подобри. Се надевам дека можеме да отидеме во следната фаза, бидејќи за овие момци многу ќе значи да одиграат уште четири натпревари меча, додаде Лазаров. Задоволство од прикажаната игра против Словенците, изрази на прес – конференцијата и кружниот напаѓач на македонската репрезентација Стојанче Стоилов, посочувајќи дека пресудно за конечниот исход било неискуството на неговите помлади соиграчи. - Сакам прво да ѝ честитам на Словенија за победата. Тие вечерва не одиграа најдобро бидејќи ние ги натеравме да играат така. На оваа наша репрезентација ѝ недостасува искуство, немавме и среќа да освоивме бод или да победиме, но се надевам дека ваква игра само со помалку технички грешки ќе прикажеме и на следните два натпревари, посочи Стоилов. Следен противник на македонските ракометари ќе биде Црна Гора, в сабота од 18 часот, по што следува дуелот против светскиот првак Данска на 17 јануари. ег/ар/

Остани поврзан