• четврток, 26 декември 2024

Лавров: Растот на БРИКС е показател на создавањето мултиполарен свет

Лавров: Растот на БРИКС е показател на создавањето мултиполарен свет

Нижни Новгород, 10 јуни 2024 (МИА) - Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, денеска изјави дека проширувањето на БРИКС е јасен показател за создавање мултиполарен свет и истакна дека БРИКС активно работи на развојот на платформа за плаќања во национални валути.

-Во тек е активна работа за спроведување на одлуките на самитот во Јоханесбург од минатата година, особено во однос на подобрувањето на меѓународниот монетарен и финансиски систем, развојот на платформа за порамнување во национални валути во меѓусебната трговија, рече Лаворв на состанок на шефовите на дипломатиите на земјите од БРИКС во Нижни Новгород.

Рускиот министер за надворешни работи посочи дека проширувањето на БРИКС е јасна потврда за процесот на создавање мултиполарен светски поредок, пренесува „Известија“.

Тој оцени дека неодамнешните меѓународни настани ги отстранија маските од оние кои до сега вербално го тврдеа речиси ексклузивното право да ги дефинираат, како што наведе, таканаречените универзални вредности под превезот на наредба заснована на правила.

Според него, САД и нивните сојузници не се откажуваат од обидите да ги задржат и забавуваат процесите на формирање мултиполарност, а како оружје ги користат економските инструменти.

Лавров смета дека улогата на БРИКС во решавањето на глобалните проблеми само ќе зајакне и наведува дека се поголем број земји покажуваат интерес за работата на БРИКС.

БРИКС е основан во 2006 година, а негови членки беа Бразил, Русија, Индија и Кина, а подоцна се приклучи и Јужноафриканската Република. Египет, Иран, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Етиопија се приклучија на БРИКС во 2024 година.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан