• четврток, 26 декември 2024

Лавров разговараше за ситуацијата на Блискиот Исток со претставници на Иран, Турција и Либан

Лавров разговараше за ситуацијата на Блискиот Исток со претставници на Иран, Турција и Либан

Њујорк, 23 јануари 2024 (МИА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров се сретна со своите колеги од Иран, Турција и Либан во пресрет на денешниот состанок на Советот за безбедност на ОН, на кој ќе се разговара за ситуацијата на Блискиот Исток, соопшти руското Министерство за надворешни работи, пренесе БТА. 

Билатералните средби беа посветени на Појасот Газа, Сирија и „напнатата ситуација“ во Црвеното Море, објави Министерството во својата публикација на „Телеграм“. Средбите се одржаа синоќа во Њујорк.

Лавров и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се согласиле за потребата од брз прекин на огнот во Газа и условите за обезбедување хуманитарна помош за цивилното население.

-Изразена е општа загриженост за напнатата ситуација во Црвеното Море, која нагло се влоши, се додава во соопштението.

САД и Велика Британија синоќа извршија повеќе напади врз јеменските Хути поради нивните напади врз бродови во Црвеното Море, соопшти Пентагон.

Лавров и либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бу Хабиб разговараа за важноста на колективните напори на земјите во регионот за итен прекин на огнот, соопшти руското Министерство.

Во последните денови, Израел наводно го извршил најинтензивното бомбардирање на јужниот дел на Газа од почетокот на војната во октомври, што предизвика повици од Вашингтон да ги заштити невините луѓе во болниците, медицинскиот персонал и пациентите.

Според агендата на ОН, се очекува Советот за безбедност да разговара за „ситуацијата на Блискиот Исток, вклучувајќи го и палестинското прашање“.

Лавров рече дека на средбата ќе предложи „колективни напори“ за решавање на кризата на Блискиот Исток.

Заедно со неговиот турски колега Хакан Фидан, рускиот министер за надворешни работи разговараше и за енергетските прашања, како и за „претстојните билатерални контакти“.

Во декември, Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да ја посети Турција на почетокот на 2024 година.

Лавров пред Советот за безбедност на ОН рече и дека украинските сили целосно потфрлиле на бојното поле и дека се „неспособни“ да ја поразат или ослабат Русија. Тој изјави дека Москва е секогаш подготвена да преговара за мир, но рече дека мировните планови презентирани од Украина и нејзините западни „господари“ се користат „само како покритие за продолжување на војната и за продолжување на примањето пари од западните даночни обврзници“.

-Сите овие формули се пат до никаде и колку побрзо Вашингтон, Лондон, Париз и Брисел го сфатат тоа, толку подобро за Украина и Западот, рече тој и предупреди дека нивната „крстоносна војна против Русија веќе создаде нова, јасна, репутација и егзистенцијални ризици.

Заменик-претставникот на САД во ОН, Роберт Вуд, ги отфрли тврдењата на Лавров како „едноставно отворена дезинформација“ и возврати дека руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година ја започна војната.  мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан