• среда, 25 декември 2024

Лавров: Лагите за Буча служат за саботирање на преговорите

Лавров: Лагите за Буча служат за саботирање на преговорите
Москва, 5 април 2022 (МИА) - По инцидентот во Буча, Украина се обиде да ги прекине преговорите со Русија, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. - Токму во моментот кога, согласно договорите во Истанбул, руската страна одлучи како гест на добра волја да ја деескалира ситуацијата на теренот, пред се во регионите Киев и Чернигов и три дена откако нашата армија го напушти градот Буча, таму е организирана провокација за која зборуваме денеска, изјави Лавров пред новинарите. Според него, „тоа е направено со цел да се оттргне вниманието од преговарачкиот процес и од фактот дека украинската страна се обидела да постави нови услови по Истанбул“. Тој додаде дека „штом западните медиуми ја пренесоа лагата за Буча“, украинските преговарачи се обидоа целосно да го запрат преговарачкиот процес. Според шефот на руската дипломатија, целта на ширењето фалсификати за Украина е желбата да се нарушат преговорите меѓу Москва и Киев. Лавров додаде и дека на Украина требало да и се испрати сигнал за неприфатливоста на саботирање на договорот со Москва. - Уште еднаш сакаме да апелираме, силно апелираме до оние кои ги водат акциите на Киев, а знаеме кои се тие, да ја разберат својата одговорност за безбедноста во Европа, за иднината на светскиот поредок, да се погрижат во пракса сите да ги почитуваат принципите на Повелбата на ОН, порача Лавров. Тој посочи дека Русија е подготвена за разговори, но за да се постигне вистински напредок, инсистира „да се испрати недвосмислен сигнал до Киев да не се впушта во саботажа, бидејќи во спротивно постои ризик од повторување на судбината на договорите од Минск“. гт/

Остани поврзан