• среда, 13 ноември 2024

Лавров: Има впечатлива разлика меѓу тоа што Македонците го чувствуваат за Русија и она што го прават нивните политичари

Лавров: Има впечатлива разлика меѓу тоа што Македонците го чувствуваат за Русија и она што го прават нивните политичари
Москва, 23 јули 2022 (МИА) - ЕУ и НАТО се обидуваат да ги претворат Северна Македонија и Црна Гора во „инструменти“ на антируската игра, исто како што се обидоа тоа да го сторат со Украина и со голем број други источноевропски земји, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за руската онлајн телевизија „Наше Кино“. - Има впечатлива разлика меѓу тоа што Црногорците и Македонците го чувствуваат за Русија и она што го прават нивните политичари под принуда од Брисел, ЕУ, НАТО, оценува Лавров, додавајќи дека бил во Скопје и Охрид видел како „луѓето во Македонија се однесуваат кон нашата заедничка историја и религија“. Тој нагласува дека земјава го промени името во Северна Македонија за да влезе во ЕУ, но „не беше примена и нема да биде примена во скоро време“. - Наместо тоа, ги вовлекоа во НАТО и почнаа да ги подгреваат русофобични чувства и агресивната политика кон Руската Федерација. Истото го направија и со Црна Гора: им ветија дека ќе влезат во ЕУ, но им рекоа дека треба да влезат во НАТО, да се приклучат кон санкциите и да заземат став кој е отворено антируски. Тоа е тажно, додава Лавров. Шефот на руската дипломатија во интервјуто се осврнува и на одлуката на Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква (СПЦ) за евхаристичко единство со Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, оценувајќи ја како позитивна. - Мислам дека тоа е разумна одлука на СПЦ и патријархот Порфириј, изјави Лавров, оценувајќи дека тоа е „достоен одговор на интригите што ги плете цариградскиот патријарх“, кој според него, се обидел „засекогаш да го погреба секој однос меѓу другите православни цркви, пред се, српската и македонската“. Лавров нагласува дека обновувањето на евхаристичкото единство меѓу српската и македонската црква е мудра одлука. - Со тоа се овозможува повторно воспоставување на евхаристичко единство и со Руската православна црква, за што сме ние заинтересирани. Сигурен сум дека тоа ќе послужи за доброто на православието, заклучи Лавров. сп/

Остани поврзан