• среда, 25 декември 2024

КХВ и издаде дозвола на Комерцијална банка за давање понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола

КХВ и издаде дозвола на Комерцијална банка за давање понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола

Скопје, 22 август 2024 (МИА) - Комисијата за хартии од вредност (КХВ) денеска на седница донесе решение со кое на Комерцијална банка АД Скопје и издаде дозвола за давање понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола.  

Понудата за преземање се однесува на 390.977 обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола, кои претставуваат 100 проценти од основната главнина на  банката. Преземањето на хартиите од вредност ќе се врши по цена од 3.200 денари по акција.

- Согласно Понудата за преземање, а според Законот за преземање на акционерски друштва,  преземачот утврдил најмала количина на обични акции на кои се однесува понудата за преземање која треба да биде прифатена за понудата да се смета за успешна, односно понудата ќе се смета за успешна доколку биде прифатена од акционери кои поседуваат најмалку 261.956 обични акции кои претставуваат 67 проценти плус една акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. Рокот за прифаќање на понудата за преземање започнува да тече од денот на првото објавување на понудата за преземање и изнесува 28 календарски дена, информира КХВ.

Комерцијална банка на 13-ти месецов објави дека нуди 3.200 денари по акција за преземање на Стопанска банка АД Битола, откако од Народната банка и била издадена претходна согласност за стекнување капитален дел од 100 проценти од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. 

Претходно, Стопанска банка АД Битола сподели дека Управниот одбор на 1 август согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерски друштва добил известување од Комерцијална банка АД Скопје дека има намера да даде понуда за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола

На  денешната седница на  Комисијата за хартии од вредност е издадена и една дозвола за работење на инвестициски агент коj има склучено договор за продажба на удели со КБ Инвест АД Скопје. лв/бак/

фото:МИА архива 

Остани поврзан