• понеделник, 23 декември 2024

Кушовски: Нафтата пристигнува, автобусите на ЈСП Скопје утре редовно ќе сообраќаат

Кушовски: Нафтата пристигнува, автобусите на ЈСП Скопје утре редовно ќе сообраќаат

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје Драги Кушовски вечерва за МИА потврди дека нафтата пристигнува во базните станици на претпријатието во Автокоманда и Ѓорче Петров и оти во текот на ноќта резервоарите на автобусите ќе бидат наполнети. 

-Сите автобуси што се во возна состојба утре редовно ќе сообраќаат, изјави Кушовски.  

Владата попладнево се вклучи во решавањето на проблемот со недостигот на нафта за автобусите на ЈСП Скопје. На денешната вонредна седница е донесена одлука со која ќе се овоможи на градот Скопје да му се позајмат дел од нафтените резерви на државата.  

- Владата вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие при што Владата се вклучи во решавање на овој проблем. Се донесе одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, изјави по вонредната седница портпаролката на Владата Венера Љатифи Азизи.

Со ова, како што појасни таа, се овозможува да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата.
 
- Денес меѓудругото Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје. Со ова Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај, посочи Љатифи Азизи. 

Вонредна седница одржа и Советот на Град Скопје на која се обрати и градоначалничката Данела Арсовска, а беа донесени и неколку заклучоци за надминување на проблемот со автобускиот превоз во главниот град. ев/цр

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан