• вторник, 12 ноември 2024

Кустурица: Не се очекуваат драматични промени во каматните стапки на кредитите доколку ЕЦБ ги намали каматите

Кустурица: Не се очекуваат драматични промени во каматните стапки на кредитите доколку ЕЦБ ги намали каматите

Скопје, 22 мај 2024 (МИА) - Најавеното намалување на каматните стапки од страна на Европската централна банка нема драстично да се почувствува врз каматните стапки на кредитите во земјава. Ќе има одредена корекција кај кредитите што веќе се исплаќаат, а се поврзани со еуриборот, но корисниците нема да почувствуваат некоја драматична промена, сметаат банкарите. 

Претседателот на Управниот одбор на „Шпаркасе банка“ Санел Кустурица вели дека евентуалното намалување на каматните стапки од страна на ЕЦБ по автоматизам ќе има ефект врз постоечките кредити кои се поврзани со еуриборот, но дека годинава нема да се случи некоја драматична промена.

- Ќе видиме колкава ќе биде корекцијата на каматните стапки од страна на Европската централна банка. Мислам дека нема да биде значајна, но ќе има одредена корекција. Тоа по автоматизам има ефект врз постоечките кредити кои се отплаќаат, а кои се поврзани со еуриборот. Кај постоечките кредити сигурно ќе има ефект. Што се однесува до каматните стапки на новите кредити, зависи за колкава корекција ќе се работи. Ако се работи за мала корекција, нема да има драматичен ефект за корисниците. И ако дојде до одредени корекции, тие нема да бидат до таа мера почувствувани од корисниците, односно нема да имаат толку позитивен ефект. За такво нешто, мислам дека ќе биде потребен еден подолг период. Во оваа година сигурно нема да се случи некоја драматична промена, истакна Кустурица на денешната прес-конференција на Шпаркасе банка“.

Во однос на висината на каманите стапки во земјава, заменик-претседателката на Управниот одбор Нина Неданоска посочи дека на македонскиот пазар има многу пониски каматни стапки од оние во Европа. 

Раководството на „Шпаркасе банка“ ја оцени 2023 како успешна година со зголемување на бројот на клиенти, раст на вкупните кредити и намалување на стапката на нефукционални кредити. Активата на банката достигнала 1,5 милијарди евра, што е раст од 13 проценти во однос на 2022 година. Бројот на активни клиенти е 155.000, а особено се горди на 30.000 студенти-клиенти. Вкупниот раст на кредитното портфолио е 11 проценти, а нето-добивката минатата година била 25 милиони евра.

Во следниот петгодишен период планираат зголемување на бројот на клиенти, раст на кредитното портфолио, инвестиции од околу 60 милиони евра во инфраструктура и дигитализација во насока на подобрување на квалитетот на услугите кон клиентите и над 500 илјади евра вложувања во општеството. бак/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан