• среда, 25 декември 2024

Курти: Србија нема да успее да го дестабилизира Косово

Курти: Србија нема да успее да го дестабилизира Косово
Приштина, 6 ноември 2022 (МИА) - Косовскиот премиер Албин Курти вели дека обидите на Србија да го дестабилизира Косово, манипулирајќи го српското малцинство на северот од земјата, ќе пропаднат, јави дописникот на МИА од Приштина. Обраќајќи се пред медиумите за време на неговиот денешен престој во Призрен, Курти рече дека обидите на Белград да предизвика криза нема да успеат, затоа што Косово е „силна држава поради тоа што е демократска и е на страната на САД, на НАТО и на Европската унија“. Запрашан од новинарите за состојбата во земјата по вчерашната одлука на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) да ги повлече своите членови од институциите на Косово, Курти рече дека безбедноста на земјата е загрозена „од криминализирани индивидуи и групи во северно Косово“. Тој изјавиа дека во изминатите 20 месеци, од кога државата ја води неговата Влада, „Косово бележи видливи резултати во борбата против организираниот криминал северно од Ибар“, односно во областите населени со мнозинско српско население на границата со Србија. - Косово е демократска и сериозна држава и законитоста и уставноста не можат да се компромитираат. Нема индивидуи и групи кои се посилни од државата. Ние не ги делиме криминалците врз основа на нивната етничка припадност, туку врз основа на незаконитите дејствија, порача Курти. Повикувајќи ги Србите да се вратат во косовските институции, Курти рече дека притисокот врз српското малцинство не доаѓа од Приштина, туку од Белград. - Ги повикувам граѓаните Срби да не ги напуштаат институциите на Косово, да не поднесуваат оставки, да не ги напуштаат работните места, затоа што на тој начин им наштетуваат на граѓаните. Тие од нас немаат притисок, туку добра волја. Притисокот им доаѓа од Белград, кој сака дестабилизација на Косово, изјави Курти. Српска листа, партија која е отворено поддржана и ги координира своите дејствија со српскиот претседател Александар Вучиќ и со Владата во Белград, вчера одлучи да ги повлече своите членови од институциите на Косово, поради најавите на Владата на Курти дека ќе ги казнува лицата кои нема да ги сменат регистарските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово. Лидерот на СЛ, Горан Ракиќ, кој исто така поднесе оставка од функцијата министер за заедници и враќање во Владата на Курти, порача дека Србите ќе останат надвор од институциите сé додека не се повлече одлуката за табличките и не се формира заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово. Денеска во северна Митровица се одржа протестен собир на локалните Срби, организиран од СЛ, од кој беше порачано дека единствена власт која ја признаваат косовските Срби е онаа во Белград. иа/сп/

Остани поврзан