• сабота, 23 ноември 2024

Курти со повик до Србите во Северна Митровица да учествуваат во општинска дебата за потребата од отворање на мостот на Ибар

Курти со повик до Србите во Северна Митровица да учествуваат во општинска дебата за потребата од отворање на мостот на Ибар

Приштина, 7 август 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти им се заблагодари на безбедносните институции кои обезбедија непречено одвивање на денешниот собир на граѓаните од српска националност во Северна Митровица, кои излегоа на протест против отворањето на мостот на реката Ибар, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти во објава на својата страница на Фејсбук го нагласи фактот дека денешниот протест на припадниците на српската заедница во Косово заврши без никаков инцидент.

„Протестот одржан денеска во Северна Митровица заврши без инцидент. Им благодарам на безбедносните институции кои обезбедија непречен развој. Протестите се демократско право што сите граѓани на нашата Република го уживаат и можат да го остварат без разлика (на нивната припадност),“ напиша Курти.

Тој напомена дека утре општина Северна Митровица, чиј градоначалник е од редовите на неговата партија, ќе организира разговор со граѓаните на тема „Меѓуетничка соработка, општинско советување за безбедност на заедницата, соработка меѓу институциите и граѓанското општество“ и ги повика граѓаните од српска националност да учествуваат и да бидат информирани „за придобивките од отворањето на мостот“.

Курти рече дека загриженоста што ќе ја искажат граѓаните ќе биде истретирана од страна на  институционалните претставници и институциите на земјата.

„Општина Северна Митровица утре од 11:00 часот во просториите на Собранието на општината организира средба и разговор со граѓани, граѓански активисти и претставници на локалните медиуми... Ги повикувам да учествуваат нашите сограѓани од српската заедница на оваа заедничка дискусија на која ќе можат да се информираат за придобивките од отворањето на мостот и да ја изразат својата загриженост која ќе се истретира од нашите институционални претставници и институциите во земјата“, напиша Курти.

Косовскиот премиер вели дека мостот на Ибар неправедно го добил епитетот на делба и ненормални односи.

„Предолго не држи на дистанца митровичкиот мост преку Ибар. Неправедно му е даден епитетот на делба и ненормални односи. Мостовите нé обединуваат, а заедно да го направиме овој (мост) симбол на нормализацијата“, порача Курти.иа/

Остани поврзан