• сабота, 23 ноември 2024

Курти: Предложениот нацрт за Заедницата на српски општини е понапреден, но не значи дека сме задоволни

Курти: Предложениот нацрт за Заедницата на српски општини е понапреден, но не значи дека сме задоволни

Приштина, 7 ноември 2023 (МИА) – Премиерот на Косово, Албин Курти го опиша нацрт-статутот за Заедницата на општините со српско мнозинство, предложен од Европската унија и Соединетите Американски Држави, како „неспоредливо понапреден“ од претходните договори, но додаде дека тоа не значи дека Косово е задоволно од неговата содржина, јави дописникот на МИА од Приштина.

За време на престојот во Пеќ, Курти попладнево изјави дека не може да ја објави содржината на нацртот или неговото писмо со забелешки - „заради доверливост“.

- Заради доверливост на нацртот, не можам ни да зборувам за моите забелешки и критики. Тие се многу важни. На европскиот емисар (Мирослав Лајчак), преку мојот заменик Бесник Бислими, му го соопштив тоа на 24 октомври, два дена пред да се сретнеме во Брисел. Ова е сосема поинаков нацрт, неспоредливо понапреден, но тоа не значи дека сме задоволни, затоа и јас ги испратив моите забелешки и критики, изјави Курти пред новинарите во Пеќ, по посетата на Националниот џудо центар каде се одржа обука на припадниците на Косовските безбедносни сили.

Курти повтори дека понудил потпишување само во рамките на пакетот договори со Србија, а не како посебни документи.

- Рековме дека се согласуваме да го потпишеме пакетот кој ги вклучува Основниот договор, Анексот за имплементација, а исто така и нацртот за кој претходно испративме коментари. Но, бидејќи во Брисел ни кажаа дека нормализацијата на односите е итна, се согласив да потпишам, при што потпишувањето е прифаќање, но само како дел од пакетот, рече Курти, додавајќи дека во него побарал Косово да добие статус на земја кандидат за ЕУ и да го започне патот кон приемот во НАТО.

Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ на крајот на октомври се сретнаа со европските лидери, по што косовскиот премиер изјави дека е подготвен да ги потпише документите во пакетот, обвинувајќи ја Србија дека одбива да го направи истото. Европските лидери по средбите јавно го изнесоа барањето до Косово да започне со формирање на Заедницата, додека Србија да го спроведе де-факто признавањето. Неколку дена пред средбата, претставниците на САД, ЕУ, Германија, Италија и Франција, предводени од Лајчак и претставникот на американскиот претседател Џо Бајден за Балканот, Габриел Ескобар, го донесоа во Приштина и Белград нацртот за Заедницата.

Курти коментираше и зошто вчера не го примил специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак, кој пристигна во ненајавена посета и се сретна со главниот преговарач во дијалогот со Белград, Бесник Бислим, како и со лидерите на партиите со голема опозиција.

Одговарајќи на новинарско прашање, Курти рече дека „нема потреба да се сретне со него“, бидејќи имал други обврски.

- Мојот заменик Бесник Бислими се сретна и се е во ред... По потреба се среќавам и со него (Лајчак), но сега Бесник Бислими контактира и комуницира со него. Не е првпат да имаме средба со европскиот емисар, но тоа го води мојот заменик, одговорен за европските интеграции, развој и дијалог, рече Курти. иа/паг/

Остани поврзан