• четврток, 26 декември 2024

Курти, Османи, Ховениер и Роде за годишнината од убиството на стотици цивили во Косово на 26 март 1999: Доказ дека НАТО мораше да интервенира

Курти, Османи, Ховениер и Роде за годишнината од убиството на стотици цивили во Косово на 26 март 1999: Доказ дека НАТО мораше да интервенира

Приштина, 26 март 2024 (МИА) – Во повеќе места низ Косово денеска, со низа комеморативни манифестации, беше одбележана 25-годишнината од, како што го нарекуваат во Косово, масакрот на српските сили врз цивилното население, извршен само еден ден по почетокот на нападите на НАТО врз воени и полициски цели во тогашна СР Југославија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовскиот премиер Албин Курти, сеќавајќи се на 25-годишнината од, како што вели, масакрот изведен од српските сили во Голема Круша, Мала Круша, Сува Река и други места низ Косово, на Фејсбук напиша дека тоа се докази за геноцидот на Србија, „која со полициските и воените сили се обиде да ги истреби Албанците во Косово“.

Курти потсетува дека утрото на 26 март 1999 година, српските сили убиле 243 цивили во Голема Круша, 113 во Мала Круша и 48 членови на едно семејство, меѓу кои и 11 деца, во Сува Река.

- Во раните утрински часови на 26 март српските тенкови го опколија дворот на семејството Бериша во Сухарека. Ги извадија членовите на семејството од домовите и ги однесоа во кафеана. Потоа отворија оган. Фрлија и гранати. Српските сили таму убија 48 членови на семејството Бериша, меѓу кои и 11 деца. Меѓу нив, тригодишната Дорентина, двегодишниот Исмет, додека Ерон и Редон имаа само една година. Нивните тела беа испратени во масовните гробници во Батајница, во близина на Белград. Овој масакр го преживеаја само Шихрете Бериша и Вјолца и нејзиниот син Грамоз Бериша, потсетува Курти.

Истиот ден, пишува тој, српските сили го нападнаа селото Падалиште во Скендерај, при што масакрираа 19 членови на семејството Имерај, селото Ландовица во Призрен, каде биле убиени 23 жители, како и Ѓаковица каде биле убиени шест мажи од една куќа.

Косовскиот премиер порача дека преку операционализацијата на Институтот за злосторства извршени за време на војната се исполнува една од обврските кон сеќавањата на народот и барањето правда.

- Свежо е сеќавањето во Косово. Основањето и операционализацијата на Институтот за злосторства извршени за време на војната има за цел да ги документира сите злосторства од последната војна на Косово, злосторствата против човештвото и геноцидните дејствија на Србија, напиша Курти, порачувајќи дека Владата е посветена на тоа сегашните и идните генерации деца „да не поминат низ таквите страдања“ низ кои поминаа генерациите на војната.

По повод годишнината од масакрот на семејството Бериша во Сува Река, косовската претседателка Вјоса Османи напиша дека оние што го избегнале масакрот „се доказ за бруталноста на српскиот криминален режим“.

- Во потрага по правда, почит кон жртвите и семејствата, никогаш нема да молчиме. Правдата за жртвите и расветлувањето на судбината на насилно исчезнатите се постојани цели, рече Османи.

Претседателката Османи и амбасадорите на САД и Германија во Приштина, Џеф Ховениер и Јорн Роде, меѓу другите, учествуваа на комеморацијата во Голема Круша, каде американскиот и германскиот дипломат во своите говори истакнаа дека ваквите настани ја потврдуваат оправданоста на нападите на НАТО против српските вооружени сили, кој започна на 25 март 1999 година.

– Овој, како и другите масакри, само покажаа дека беше стасано времето НАТО да интервенира за да се избегне таа хуманитарна трагедија како и етничкото чистење што се случуваше тука, рече Роде.

Германскиот амбасадор побара сторителите на масакрите да бидат изведени пред лицето на правдата.

- Повеќето од оние кои ги извршиле овие злосторства сé уште се во бегство и сé што можам да кажам е дека тоа не треба да се дозволи, рече Роде.

Амбасадорот на САД, Ховениер потсети дека ден пред масакрот во кој тогаш беа убиени околу 250 и исчезнати околу 60 цивили, НАТО ги започна бомбардирањата токму поради таквите настани.

- Само еден ден откако НАТО ја започна својата кампања за ставање крај на ужасната кампања на етничко чистење, силите на (тогашниот српски лидер, Слободан) Милошевиќ влегоа во ова село и убија над 250 невини цивили. НАТО дејствуваше токму поради ужасните дела како тоа што се случи тука, рече Ховениер.

Американскиот амбасадор потсети и на зборовите на тогашната државна секретарка Медлин Олбрајт на денот кога се случи овој масакр.

- Истиот ден тогашната државна секретарка Медлин Олбрајт рече: Невозможно е да преговараме сé додека Милошевиќ го зголемува бројот на силите, напаѓа цивили и пали села во Косово. Активностите на НАТО се насочени кон поддршка на мирот и безбедноста во Европа и ставање крај на злосторствата и хуманитарната криза, рече Ховениер.

Според податоците на Фондот за хуманитарно право, кој е регионална невладина организација за човекови права со седиште во Белград, за време на војната во Косово, во 1998-99 година, биле убиени повеќе од 13.500 лица - од кои 76 отсто се верува дека биле цивили. Потрагата по повеќе од 1.600 исчезнати лица во војната и натаму продолжува. иа/ссм/

Остани поврзан