• четврток, 26 декември 2024

Курти не ја прифаќа одлуката на Уставниот суд на Косово за декретот на Тачи

Курти не ја прифаќа одлуката на Уставниот суд на Косово за декретот на Тачи

Приштина, 29 мај 2020 (МИА) – Косовскиот премиер во оставка Албин Курти ја оцени како неприфатлива одлуката на Уставниот суд на Косово, со која му се призна правото на претседателот на државата да го додели премиерскиот мандат на друга партија освен на онаа која победила на парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Приштина. Во коментар на својата страница на Фејсбук, Курти вели дека одлуката е „преку секоја имагинација на секое ниво“ и најави дека за идните политички чекори на неговата партија, Движењето Самоопределување (ВВ), граѓаните ќе бидат известени во наредните денови. - Немавме големи надежи за одлуката на Уставниот суд, но оваа одлука е преку секоја имагинација на секое ниво (логичко и правно). Како неправедна таа е неприфатлива. За идните политички чекори ќе ги информираме граѓаните во наредните денови, напиша Курти. Според него, Судот наместо да го толкува Уставот, го оправдува дејствувањето на Тачи. - Може да се најдат малку или воопшто примери во демократскиот свет на случаи кога победникот на изборите и самата влада која е на должност се подготвени за избори, а тоа им се оневозможува од Уставниот суд и претседателот со повикување на фиктивно мнозинство во Собранието и со испревртување на изјавите и објективните причини како што е тешката состојба со пандемијата. Наместо да го толкува Уставот, Судот се чини имаше ваков став: бидејќи претседателот е во право, да се потрудиме да го оправдаме, пишува Курти. Според него, во неколку случаи во синоќа објавената одлука Судот „наместо со толкување, се нафатил со пишување и допишување на Уставот“. Тој вели дека ќе биде извршена детална анализа од страна на неговите правни советници откако ќе ја добијат одлуката на Судот. - За жал, Уставниот суд застана на страната на тие кои ја имаат заробено државата. Тој прозборе за себе, попрво и повеќе одошто за прашањето кое го третира. Тој се запечати, се обезвредни себеси. Нашата битка продолжува, заедно со освестениот народ, против оваа корумпирана каста, порача Курти. Косовскиот претседател Хашим Тачи, по изгласувањето недоверба на кабинетот на Курти на 25 март и неколкуте неуспешни повици до ВВ да именува нов кандидат за премиер, мандатот му го додели на Авдулах Хоти, кандидат на второрангираната партија на изборите, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК). Лидерот на ЛДК, Иса Мустафа денеска најави дека собраниската седница, на која ќе се гласа за предлогот на Хоти за состав на новата влада, ќе се одржи утре или в понеделник, на 1 јуни. иа/гт/

Остани поврзан