Курти и Мустафа го официјализираа договорот за заедничка влада
- Лидерите на партиите победнички на вонредните парламентарни избори во Косово, Албин Курти на Движењето Самоопределување (ВВ) и Иса Мустафа на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), објавија ден
Приштина, 2 февруари 2020 (МИА) – Лидерите на партиите победнички на вонредните парламентарни избори во Косово, Албин Курти на Движењето Самоопределување (ВВ) и Иса Мустафа на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), објавија денеска дека двете партии потпишаа договор за формирање заедничка влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
Двајцата лидери ја објавија веста на вонредна прес-конференција во Собранието на Косово, од каде што порачаа дека постигнатиот договор е за доброто на Косово и е резултат на волјата на косовските граѓани изразена на изборите од 6 октомври минатата година.
Курти, кој ќе ја води новата влада, изјави дека со Мустафа ќе се сретнат и утре, пред гласањето за новиот состав на владата.
Тој информира дека е договорено неговиот кабинет да има 15 министри и 33 заменици министри, што е големо намалување во однос на претходната влада која имаше 23 министри и околу 80 заменици министри.
- Ова е најмала по обем влада на Република Косово од прогласувањето независност и значително ќе се намалат буџетските трошоци за нејзиното функционирање, а истовремено ќе се зголеми нејзината ефикасност, изјави Курти.
Мустафа изјави дека и прашањето на претседателот на државата е опфатено со договорот кој е потпшан денеска и дека за тоа партнерите во власта ќе разговараат кога ќе се избира новиот претседател, односно кога му истекува мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи, во април 2011 година. Тогаш, според Мустафа, ќе се избира заеднички кандидат за шеф на државата.
Курти потврди дека неговата партија ја отстапува функцијата претседател на Собранието на ЛДК, додека актуелниот собраниски спикер Глаук Коњуфца ќе биде дел од извршната власт. Според медиумите во Приштина, на чело на Собранието ќе биде избрана носителката на листата на ЛДК на октмвриските избори Вјоса Османи, додека Коњуфца најверојатно ќе биде нов министер за надворешни работи на Косово.
Седницата на која ќе се гласа за предлогот на Курти, кој го доби мандатот за состав на новата влада како лидер на партијата победничка на изборите, е закажана за утре во 11 часот. иа/