• среда, 25 декември 2024

Курти: Историска посета на директорот на ЦИА на Косово

Курти: Историска посета на директорот на ЦИА на Косово

Приштина, 23 август 2024 (МИА) - Косовскиот премиер Албин Курти денеска се сретна со директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс и оцени дека посетата е важен историски момент во билатералните односи меѓу Косово и САД.

На средбата беше истакната заложбата на косовската Влада и безбедносните и разузнавачки институции, предводени од Косовската разузнавачка агенција (КОА) за подобрување на соработката со ЦИА.

„Историската посета на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, на Косово е високо ценета од Владата на Република Косово. Тоа е доказ за силните и стабилни односи меѓу двете земји и е златна можност за продлабочување на стратешката соработка, за мир и безбедност во регионот и пошироко“, се наведува во соопштението на косовската Влада.

Во него се додава дека Курти му се заблагодарил на директорот на ЦИА за неговата континуирана поддршка и ја изразил својата посветеност за продлабочување на соработката во областите од заемен интерес, најавувајќи дека американските вредности на демократијата, владеењето на законот и редот и непоколебливата евроатлантска ориентација „ќе останат централен столб на доброто и демократско владеење во Косово“.

Премиерот Курти го информираше директорот Барнс за економскиот раст и развој, како и за социјалниот и демократскиот напредок на Косово, нагласувајќи дека „сите внатрешни безбедносни предизвици успешно се управуваат со моќта на праведниот закон на една демократска држава“.сд/

фото:Скриншот Косовапрес 

Остани поврзан