• среда, 18 декември 2024

Курти вели дека за неговото владеење Косово станало „извонреден пример во светот“

Курти вели дека за неговото владеење Косово станало „извонреден пример во светот“

Приштина, 2 декември 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е горд на четирите години на неговата влада, кои, според него, се полни со достигнувања, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната седница на Собранието, на која на барање на опозицијата се расправа за изминатитите четири години на неговиот мандат на чело на Владата, Курти рече дека во овој период Косово станало „ извонреден пример во светот“.

„Денеска стојам пред вас со гордост и самодоверба за овој четиригодишен период на нашата влада, кој е полн со достигнувања и повеќе предизвици отколку што сме обично навикнати... Ние сме извонреден пример во светот, каде што има голема нарација како одат заедно економскиот развој и демократскиот напредок“, изјави Курти.

Тој рече дека косовската економија бележи најголем и воедно најсолиден раст.

„Во овие четири години имаме просечен раст од 6,36 отсто на бруто домашниот производ“, рече Курти, додавајќи дека во ниту една од овие четири години нема реален раст под четири отсто, откако ќе се минусира инфлацијата од растот.

Тој рече дека во овој четиригодишен период е намален јавниот долг за 17 отсто, додека невработеноста од 25,8 отсто е намалена на 10 отсто. Предизвик во овој план, според него, останува активирањето на жените на пазарот на трудот.

Курти го спомена и затворањето на паралелните структури на север, нагласувајќи дека „влијанието на терористичките организации е елиминирано“.

„Илегалните служби се затворени во северните општини, го елиминиравме влијанието на терористичките организации, но тоа не значи дека таму нема криминални елементи... асфалтиравме и патишта во општините на север, се повеќе и повеќе српски граѓани соработуваат со институциите на Косово“, рече Курти.

Во надворешната политика, според Курти, неговата Влада направила повеќе од очекуваното, додека, како што рече, неговата партија не ветила нови признавања на државата.

„Успешно аплициравме и го поминавме Парламентарното собрание на Советот на Европа... Потоа го унапредивме статусот на Косово во Парламентарното собрание на НАТО, аплициравме за членство во Европската унија и се зачленивме во десет меѓународни организации. Знам дека сме критикувани затоа што нема нови признавања, но треба да разберете уште една работа: ниту визна либерализација, ниту нови признавања не беа ветени во кампањата. Во кампањата рековме вработување и правда. Значи, треба да не вреднувате во однос на нашите ветувања што ги дадовме во кампањата 2021 година и во владината програма потоа“, рече Курти.иа/

Остани поврзан