• среда, 18 декември 2024

Купувањето преку интернет е сигурно, но не преку социјалните мрежи

Купувањето преку интернет е сигурно, но не преку социјалните мрежи

Прилеп, 13 октомври 2024 (МИА) - Притискањето на тастерот на компјутерот Ве воведува во светот на Интернетот, но и на електронската трговија или во виртуелните продавници. Каде е Македонија во поглед на искуството со Интернет трговијата? Европа и светот се со огромно искуство, додека Македонија и државите во Регионот со интернет трговијата заостануваат.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), во првото тромесечје од 2023 година 85,3 проценти од вкупното население на возраст од 15 до 74 години во Македонија користело интернет, што е понизок процент од ЕУ-просекот од над 90 насто. Македонскиот просек е повисок или идентичен со другите држави од Западен Балкан. Во поглед на онлајн купувањето, во последните 12 месеци според истиот извештај од ДЗС, околу 53 проценти од тие што користат Интернет во земјава нарачале или купиле производ или услуга преку Интернет. Најмногу купувале и порачувале облека, обувки или спортска опрема, а најмалку музика, филм и храна. Најголемиот број е-купувачи направиле нарачка од продавачи од државава.

- И покрај тоа што ваквите бројки од над 50 проценти можеби навидум изгледаат големи, за жал, фрекфенцијата на купување е исклучително мала бидејќи повеќе од 2/3 тоа го направиле еднаш до два пати во последните три месеци што ги става речиси сите држави од регионот на дното на листата на користење на Интернетот за онлајн трговија. Слични се статистиките за државите од Регионот, особено тие од Западен Балкан. За споредба, во државите како Норвешка, Данска, Шведска, Холандија, ваквиот удел е над 95 проценти, смета Марјан Ангелески, професор по е- трговија на прилепскиот Економски факултет.

Имаме соодветна законска регулатива за е- трговија

Универзитетскиот професор Ангелески констатира дека имаме солидна законска рамка за е-трговијата. Со тоа се согласуваат и од Државниот пазарен инспекторат, од Асоцијацијата на е-трговци, од Здружението на потрошувачи на Македонија. Но, станува збор за овластени, регистрирани он-лајн трговци.

-Постои солидна законска рамка како: Закон за електронска трговија донесен уште во 2007 година со одредени измени и дополнувања, потоа Законот за заштита на потрошувачите, Законот за електронски комуникации, Законот за заштита на лични податоци, одредени делови во Кривичниот законик и слично, вели Ангелески.

Електронската трговија во Србија, според истражувањето на Стопанската комора на Србија (ПКС), двојно е зголемена за време на вонредната состојба, споредено со времето пред пандемијата на Кови

Сета регулатива е функционална за овластени, регистрирани он-лајн трговци.

- Во моментов, е-трговијата кај нас е регулирана. Има и закон, а и законот за потрошувачи дополнително ја регулира со договор на далечина кој ги регулира договорните односи помеѓу трговецот кој продава на далечина и потрошувачот. Станува збор за трговци кои се регуларно регистрирани во Централниот регистер, вели Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организација на потрошувачи на Македонија.

Според Асоцијацијата на е-трговци податоците покажуваат дека во земјава се 906 активни е-трговци.

- Асоцијацијата, регистерот за прв пат го објави во 2021 година како дел од платформата ecommerce4all.mk во соработка со 5-те банки кои нудат е-трговија во државава (Комерцијална Банка АД Скопје, Уни Банка АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје, Стопанска Банка АД Скопје и Халк Банка АД Скопје). Ги содржи активните е-трговци кои имаат имплементирано виртуелен ПОС терминал, односно нудат е-плаќање преку една од наведените банки. Според направените проверки по утврдена методологија беа издвоени 906 како активни е-трговци, односно е-трговци кои имале трансакција во периодот од први јануари 2022 до 30 април 2023 година и имале функционална (активна) веб-страница во периодот на проверките кои се извршени во октомври 2023 година, објаснува Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата на е-трговци на Македонија.

Социјалните мрежи не може да се контролираат и се извор на нелојална конкуренција и сива економија

При електронската трговија, или купувањето преку Интернет најбитно е: да се купува преку регистрирани е-трговци и платформи, но никако преку социјалните мрежи, главно, не преку Фејсбук. На ова предупредуваат сите надлежни во државава кои постојано имаат искуство од незадоволни, излажани или изманипулирани потрошувачи.

Проблемот се појавува бидејќи потрошувачите не разликуваат он-лајн продажба која е на фејсбук, од легалната он-лајн продажба. На фејсбук, продажбата не е регулирана. На социјалните мрежи не се плаќаат даноци, нема фискална сметка, нема гарантен лист, не даваат придружна документација за производот. Дури испорачателот нема никакви сознанија за оној од кој е нарачан производот. А тој што сака да го врати производот, не може на фејсбук да го најде продавачот, ниту контактот до него. Тоа е сива економија. Таа продажба преку социјалните мрежи е комплетно нелегална, велат од Здружението на потрошувачи на Македонија.

- Најчесто имаме проблем со тие видови трговци. Во меморандумот за соработка со Асоцијацијата на е- трговци го наведуваме истото. Потрошувачите треба да бидат посвесни дека кога купуваат на фејсбук или на други портали кои повеќе се за комуникација, би рекла, не се сигурни што купуваат и потоа никој не може да го најде тој т.н. трговец. Сега-засега, останува на свесноста на потрошувачите. Таквиот „трговец“ создава и нелојална конкуренција. И ние, и Пазарниот инспекторат апелираме да не купуваат на фејсбук и на социјалните мрежи, оти, при проблеми, никој не може да им помогне. Граѓаните да купуваат преку регуларни он-лајн продавници или платформи регистрирани за е-продажба. Дневно нѝ се јавуваат по два-тројца купувачи, па им објаснуваме за е-трговијата, вели Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организација на потрошувачи на Македонија.

Во Државниот пазарен инспекторат потврдуват дека социјалните мрежи  не се опфатени со законски регулативи и не може да се контролираат. А граѓаните, воопшто, при електронското тргување имаат поплаки и пријави.

- Граѓаните најчесто се жалаат на лоши искуства за квалитетот на производите, неможноста за вршење замена на производите, достава надвор од утврдениот рок, неможност да се оствари повторен контакт со продавачот. најчесто поради недостапност или блокирање на страницата од која се продавале производите. Пазарниот инспекторат може да постапи само доколку пријавата е поднесена за трговец кој е регистриран и издава фискална сметка, бидејќи фискалната сметка служи како доказ при постапувањето од наша страна. Доколку трговецот за кој се однесува пријавата не е регистриран, претставките ги препраќаме во МВР – Сектор за компјутерски криминал, вели Милена Цветановска, портпарол на ДПИ.

Според податоците од Инспекторатот, во првото полугодие на 2024 година се извршени над 1103 надзори и се издадени 10 прекршочни платни налози во вредност од над 770.000 денари. За споредба, ланим се  извршени 2600 надзори и се издадени 130 прекршочни платни налози во вредност од над 9,500,000 денари.

Во е- трговијата има нелојална конкуренција, недостига кадар, но и дигитална писменост на населението

Катерина Шукулоска од Прилеп е он-лајн регистриран трговец. Вели дека е добра, во моментов, довербата на купувачите, се зголемува е-трговијата поради 24-часовната достапност на е-продавниците. Сепак се жали на нелојална конкуренција.

-Довербата кај купувачите моментално е добра. Имаме сѐ повеќе интернет продавници кои се достапни и лојални. Но, би рекла дека постои и нелојална конкуренција каде се нудат производи по многу ниски цени. Таму најчесто купувачите се измамени и оттаму доаѓа одредена недоверба кај купувачите. Недостасува едукација со ракувањето со платежните картички. Потребни се одредени советувалишта како луѓето да ги користат тие платежни картички, како да се заштитат од измами, вели Шукулоска.

Електронските трговци бараат законски измени. Сметаат дека не само што има нелојална конкуренција, туку недостигаат кадар и дигитална писменост.

- Најголеми предизвици кои се провлекуваат повеќе години се наоѓањето соодветен кадар, нелојалната конкуренција и сивата економија и дигиталната писменост на населението. Потребни се законски измени во повеќе закони. Неопходна е и јасна распределба на надлежностите на институциите. Така на пример, воведувањето на дигитална фискална сметка е значајно за е-трговијата и моментално тоа што сѐ уште немаме претставува проблем за непречно работење на е-трговците. Нашата законска регулатива не препознава маркетплејс платформи како бизнис модел, кои се во подем во Македонија од пред неколку години, а на светско ниво повеќе од декада. Во дигиталниот свет и во дејност која станува сè поголема како што е е-трговијата каде работите секојдневно и брзо се менуваат, потребни се брзи и ефикасни законски измени за да се подобри начинот на кој што сите засегнати страни во екосистемот на е-трговијата работат, да се подобри довербата која купувачите ја имаат во онлајн трговијата и да се намали сивата економија, смета Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата на е-трговци на Македонија.

Професорот Марјан Ангелески од прилепскиот Економски факултет анализира дека културолошките навики на населението играат голема улога во електронската трговија. Така е во земјите од Западен Балкан и затоа параметрите во електронската трговија се слични. Се согласува дека недостига дигитална писменост и едукација на населението, а за тоа се задолжени институциите.

- Едукацијата е главниот чекор кој, од една страна, ќе ги намали ваквите ризици, а од друга страна ќе ја зацврсти довербата кај граѓаните да се впуштат во купување одредени производи и користење е-услуги и, особено од верификувани, сигурни трговци, кои зад себе имаат одреден кредибилитет за купувачите да бидат сигурни дека ќе го добијат она што го виделе на веб-страницата на која го виделе, зашто во виртуелниот свет е поразлично доживувањето во споредба со „физичките“ продавници, смета Ангелески.

Елизабета Митреска

Фото: МИА

Остани поврзан