• понеделник, 23 февруари 2026

Купер: Хокејот престанува да биде хокеј кога ќе извадите четири играчи од мразот, нема такво нешто во Стенли купот

Купер: Хокејот престанува да биде хокеј кога ќе извадите четири играчи од мразот, нема такво нешто во Стенли купот

Милано, 23 февруари 2026 (МИА) – Селекторот на Канада, Џон Купер, го критикуваше форматот 3 на 3 што се играше во продолжението на натпреварите на хокеарскиот олимписки турнир во Кортина и Милано.

- Кога ќе извадите четири играчи од мразот, хокејот престанува да биде хокеј. Продолжението и изведувањето пенали постојат од една причина - тоа е диктирано од телевизијата, за да се спречи одолговлекување на натпреварите. Не е случајно што нема такво нешто во финалето на Стенли Купот или во плејофот, изјави Купер за „The Hockey News“.

Канада загуби од САД вчеравечер во финалето со 2:1 по продолжение, откако основните 60 минути завршија нерешено 1:1. Канаѓаните имаат причини да жалат за златото, бидејќи беа подобриот тим, но не реализираа неколку убави шанси за победа во последната третина од мечот.

Потоа, во продолжението кое се игра со по тројца играчи, Американците први постигнаа гол и натпреварот заврши со нивна победа.

На хокеарскиот турнир на ЗОИ 2026, кога натпреварите завршуваа нерешено по 60 минути, наместо со пет играчи плус голман, репрезентациите одат во продолжение со по тројца играчи и голман и важи правилото „златен“ гол. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан