• недела, 10 ноември 2024

Кумановци ретко вдомуваат бездомни кучиња

Кумановци ретко вдомуваат бездомни кучиња

Куманово, 4 април 2024 (МИА) - Граѓаните да вдомат куче, не да купуваат и пред сè да бидат одговорни сопственици, порачаа денеска надлежните ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“ од Куманово.

- Центарот е секогаш отворен за сите, секој работен ден сите заинтересирани можат да дојдат да вдомат кутре. Вдомувањето решава суштински проблеми во овој сегмент. Многу е подобро да се вдоми куче, наместо нашите екипи да ги заловуваат, кастрираат и враќаат на улица. Најголем процент од бездомните кучиња се социјализирани и можат да се вклопат во нечиј дом, изјави ветеринарот Зоран Пешевски.

Но, како што вели, кумановци немаат навика да вдомуваат.

- Проблемот со бездомните кучиња е нотиран и од ветеринарната комора и од нас како сопственици на прифатилиште. Најголем дел од кучињата кои се на улица се токму од неодговорни сопственици кои исфрлаат миленици. Сматеме дека дури 90 проценти од кучињата на улиците се напуштени од нивните сопственици, изјави Пешевски.

Многу е важно да се крене свеста за вдомување на животните. Кучињата на улиците се огледало на нашето општество, велат граѓаните кои посочуваат дека се потребни ригорозни санкции за оние кои ги напуштаат милениците и исфрлаат легла во околината на градот.

Општината и Ветеринарниот центар претходните години организираа акции за вдомување на кучињата. Градот, со години одвојува средства за заловување на бездомните кучиња. И годинава за таа цел одвоени се нешто над милион денари на годишно ниво со ветеринарсно сточарскиот центра „Тодор Велков“ . ам/дма/


Фото: МИА архива

Остани поврзан