• четврток, 26 декември 2024

Кумановското училиште „Браќа Миладиновци“ со три училишта од Европа вклучен во проектот „Подготви се за иднината“

Кумановското училиште „Браќа Миладиновци“ со три училишта од Европа вклучен во проектот „Подготви се за иднината“
Куманово, 30 мај 2022 (МИА) - Ученици и професори од кумановското основно училиште „Браќа Миладиновци“, престојуваа во училиште во Сантрем, Португалија во рамки на Еразмус + проект заедно со други училишта од Европа, информираа денеска од училиштето. Ова е прва мобилност од проектот „Подготви се за иднината“ (Get ready 4 Future) во кој покрај кумановското, вклучени се и основни училишта од Италија, Полска и Португалија. - Проектот „Get ready 4 Future“, цврсто се залага за воведување на нови технологии што ги нуди образованието во европските училишта како и интеркултурална соработка и размена на добри практики за иновативно и интерактивно учење, а со цел надминување на културолошките празнини. Од овие причини одлучено е да се охрабри интересот спрема роботика, како и зголемување на употреба на кодирање, едукативна роботика и дигитални вештини. Методот на кодирање е важен дидактички пристап кој успешно ја зголемува мотивацијата и интересот на учениците за когнитивно учење со рационално поврзување на изучените содржини, изјави професорката од „Браќа Миладиновци“, Ана Гиевска. Учениците и професорите во рамки на проектот, ги спроведуваат активностите преку презентации, бројни работилници, дебати на тема роботика, квизови и игри. - Исто така домаќините се потрудија да ни ги покажат сите убавини на својот град и блиската околина, како и посета на прекрасниот Лисабон, како и Белем и градот Фатима, изјави Гиевска. Училиштето „Браќа Миладиновци“ реализира повеќе европски проекти со цел, учениците да се стекнат со современи, нови методи и  процеси на едукација, но и да и ги прошират пријателствата со врсници од европски држави. ам/мс/

Остани поврзан