• сабота, 28 декември 2024

Кумановскиот театар со претстава „Трнорушка“, средствата ќе бидат донирани за лекување на девојче од Куманово

Кумановскиот театар со претстава „Трнорушка“, средствата ќе бидат донирани за лекување на девојче од Куманово

Куманово, 29 септември 2023 (МИА) - Кумановскиот театар вечерва ќе ја игра претставата „Трнорушка“, а собраните средства ќе ги уплати за потребите за лекувањето на девојче од Куманово, соопштија денеска од НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово.

- Претставата ќе се игра со почеток во 18: 00 Часот, ги очекуваме кумановци да ја проследат детската претстава која има хуманитарен карактер. Се надеваме дека ќе помогнеме на детето за потребите за нејзиното лекување, изјави директорот на НУЦК Сашо Тодоровски.

Цената на билетот е 100 денари.

- Сиот приход ќе биде уплатен на сметка на Јована Илиевска, девојче кое боледува од церебрална парализа, повикаа од театарот.

Во претставата која ја режира Бојана Краљевска играат Сања Русеска, Марко Трајковиќ, Владанка Димковска, Нина Максимова, Жарко Јовановиќ и Давид Илиќ.

- Како една од најстарите уметнички форми, бајката e потреба низ сон, мечтаење, имагинација да се наткрили животот. Таа со својот јасен и цврст етички кодекс (борба за добро, правда, еднаквост, љубов) ни открива и подвлекува некои суштински животни вредности. Бајката на сцена не толкува, објаснува, ниту докажува, туку повеќе потшепнува и предизвикува, запрашува и провоцира и, оддалечувајќи нè од животот, ни зборува за животот. Таква е и нашата „Трнорушка“ – пишува драматург, Зоран Зафировски.

- Сценографијата е на Крсто Богојевски, избор на костими на Нина Максимова, а кореографијата е на Сања Русеска. Драматург е Зоран Зафировски, а за музичка илустрација беше задолжен Зоран Зафировски. ам/цр

Фото: НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово

Остани поврзан