• недела, 17 ноември 2024

Кумановската библиотека го зголеми книжниот фонд

Кумановската библиотека го зголеми книжниот фонд
Куманово, 20 септември 2022 (МИА) - Библиотеката „Тане Георгиевски“- Куманово го збогати книжниот фонд со над 2.000 книги, белетристика и лектири. Во тек е обработка на книгите и дел од нив веќе се достапни за читателите. - За оваа набавка одвоивме 287.642 илјади денари. Ова е една од неколкуте набавки кои ги спроведуваме во текот на годината. До крајот на годината следуваат набавки на нова литература на македонски, англиски, албански и српски јазик. Целокупниот книжен фонд изнесува околу 240.000 библиотечни единици. Се надевам дека со тоа нашите читатели ќе бидат задоволни, изјави директорката на установата, Христина Алексовска. Годинава е зголемен бројот на читатели и на детскиот и на одделот за возрасни. Во текот на пандемијата почна евидентниот раст на број на читатели кој сè уште трае. - Библиотеката „Тане Георгиевски“ акцентот го става на популаризација на книгата, развој на читањето пред сè кај младите личности, развој на креативноста, како и промовирање на книгата како вистинска вредност кај луѓето. Продолживме со децениската пракса на бесплатно запишување на второодделенците во библиотеката, посочува Алексовска. И оваа година продолжува „подвижната библиотека“ за учениците од рурални средини која се реализира во соработка со училиштата и професорите. Почнаа подготовките и за месецот на книгата кој ќе се одржи од 15 октомври до 15 ноември, за наградниот литературен и ликовен конкурс и натпреварот „Млад библиотекар“. ам/мд/

Остани поврзан