• среда, 25 декември 2024

Куманово ќе одвои повеќе средства за паркиралишта за да се овозможи непречено движење на лица со попреченост

Куманово ќе одвои повеќе средства за паркиралишта за да се овозможи непречено движење на лица со попреченост

Куманово, 8 октомври 2024 (МИА) - Општина Куманово идната година ќе одвои повеќе средства за инвестиции во паркиралишта за да се ослободат тротоарите и да се обезбеди поголема пристапност за лицата со попреченост, соопшти денеска градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски. Засега се спуштени тротоарите на неколку клучни локации во централното градско подрачје.

-Претходно имавме инцијатива првично да ги спуштиме тротоарите, мора да бидам искрен тоа не изгледа убаво, бидејќи е импровизација, но на тој начин главните булевари во централно градско подрачје во одредени локации се спуштија. Секаде каде што се гради нова инфраструктура ги применуваме тие стандарди. Но, сите возила се непрописно паркирани, може да градиме колку сакаме еве овде тротоар пред училиштето („Толи Зордумис“) е зафатен со возило, што значи дека свеста на граѓаните мора да се подигне на повисоко ниво. Гаражните места кои се планирани не може да бидат трансформирани во дуќани или друг тип објекти, тоа е процес кој заеднички со МВР, со останатите служби ќе работиме. Општината веќе следната година ќе се потруди да обезбеди дополнителни финансии за инвестиција на нови паркиралишта, ама недостатокот на паркинг места не е изговор за сопствениците на возилата да го оставаат каде сакаат и кога сакаат и на начин на којшто тие сакаат, изјави Димитриевски.

И претседателката на Здружението „Инклузива“ Благица Димитровска денеска ги повика институциите, но и градежните компании да ги запазат овие стандардите бидејќи, како што нагласи, сè што се прави, рампите во училиштата и во институциите не се соодветни, ниту ги исполнуваат критериумите за пристапност.

-Постои закон, постои правилник, но повторно се градат објекти кои не се пристапни, изјави Димитровска.

Архитектонските бариери беа горлив проблем за лицата со инвалидитет. Во повеќе наврати лицата со инвалидност организирано бараа од општината да постави спуштени тротоари, бидејќи се жалеа дека не можат да излезат од своите домови поради високи рабници, заради непристапни пешачки премини, со што им се скратуваше правото на движење. Од здруженијата бараа локалните самоуправи да ги почитуваат Законот за градба, правилникот за непречен пристап, Закон за заштита од дискриминација, Конвенцијата за човекови права и да им овозможат на лицата со попреченост да се движат непречено. ам/мд/

Фото:Општина Куманово

Остани поврзан