• сабота, 23 ноември 2024

Куманово ќе аплицира за проект за доуредување на индустриската зона во Речица

Куманово ќе аплицира за проект за доуредување на индустриската зона во Речица

Куманово, 10 септември 2024 (МИА) -  Куманово ќе аплицира со проект за инфраструктурно доуредување на индустриската зона Речица, на владиниот повик за развој на општините, соопштија денеска од Одделението за комунални дејности.

- Намерата е да аплицираме за уредување на зоната каде веќе функционираат неколку капацитети, домашни и странски компании, изјави раководителката на Одделението за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска.

Зоната се наоѓа на атрактивна локација во непосредна близина на автопатот „Пријателство“ Е-75 кон Табановце, (во близина на село Речица) на само пет километри од српската граница и е во близина на двата коридори 8 и 10. Таа е урбанистички уредена за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, сместувачки капацитети, сервиси и стоваришта. Општината преку Секторот за урбанизам - Одделение за управување и документирање со градежно земјиште континуирано работи во делот на продажба на градежно неизградено земјиште сопственост на државата, по пат на јавно електронско наддавање.

-И во блиска иднина е планирана објава за продажба на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија предвидени со урбанистички план за стопански комплекс  месност викана Новине и месност викана Речица со намена Г2 лесна и незагадувачка индустрија, Б5-хотелски комплекси и Б2-големи трговски единици. Во стопанскиот комплекс останати се 20 (дваесет) градежни парцели, а почетна цена на електронското јавно наддавање за отуѓување на градежната парцела зависи од предвидена намена на градба на објектот предвидена со урбанистички план почнувајќи од 61 денар по метар квадратен со класа на намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија, 283 денари по метар квадратен за градежни парцели со класа на намена Б5-хотелски комплекси и 800 денари по метар квадратен за градежни парцели со класа на намена Б2-големи трговски единици, соопштија од Секторот за урбанизам.

Во периодот од 2011 година до 2023 година во стопанскиот комплекс продадени се десет градежни парцели со различни класи на намени.

- Последниве две градежни парцели со намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија продадени се за цена од 951,00 денари за еден метар квадратен и 955,00 денари за еден метар квадратен додека градежната парцела со намена Г4-стоваришта, складови и отпади е продадена за цена од 1.906,00 денари за еден метар кавдратен, информираа од општината.

Зоната е урбанизирана по предвидувањата на општината, не по потребите и барањата на потенцијалните инвеститори. Општината ги реинвестира средствата во доуредување на зоната кои ги добива од продажба на парцелите. ам/дма/


Фото: МИА архива

Остани поврзан