• четврток, 26 декември 2024

Куманово формираше нов локален социјално-економски совет ЛЕСС

Куманово формираше нов локален социјално-економски совет ЛЕСС

Куманово, 3 октомври 2024 (МИА) - Куманово по неколку месеци пауза, денеска повторно формираше нов локален економско социјален совет. На денешната средба беше избран старо новиот претседател на ЛЕСС Куманово, Најден Бајдевски, претставник од бизнис заедницата, негов заменик е претставникот од синдикатот, Миле Спасовски. Во локалниот економско-социјален совет членуваат и претставници од општина Куманово. Телото ќе се залага за јакнење на локалната економија, подобрување на стандардот на граѓаните, на вработените и заштита на ранливите категории.

- Мое залагање е ЛЕСС Куманово да ги решава потребите на членовите на синдикатите и бизнис заедницата. Локалната власт ќе ги пренесе идеите и до централната власт за да обезбедиме подобар економски развој на општината. Ќе ги слушаме потребите на бизнис заедницата која секогаш е општествено одговорна и излегува во пресрет на потребите на граѓаните, изјави претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска.

ЛЕСС Куманово изминативе пет години редовно функционираше и имаше бројни комисии, за женско претприемништво, тело за социјален совет, кои ги кажуваа потребите на различни чинители на локалната заедница.

Претседателот на ЛЕСС Куманово, Бајдевски посочи дека продолжуваат со работа и наредните години.

- Сега има нови услови на стопанисување. Ќе бараме нови индустриски зони, нови услови, нашите барања ќе ги упатиме и до централната власт, со цел поефикасно да се работи во општината. Цел е да се помогне и на образованите институции во градот, воведување нови кабинети, поддршка за нашите локални институции, рече Бајдевски.

Мандатот на претходниот ЛЕСС беше четири години, годинава се пролонгираше поради изборите.

- Не сакавме за време на избори да се формира новиот состав, сега се исполнија условите. Очекуваме поуспешна работа наредните години, изјави Ахмет Јашаровски од локалниот економски развој од општина Куманово.

Социо-економскиот дијалог ќе придонесе да се развие Куманово, сметаат претставниците на локалниот економско-социјален совет од градот. Телото функционира како консултативно и советодавно и членуваат претставници од Општина Куманово, организација на работодавци, Сојузот на синдикати, институции, здруженија на граѓани. За претставниците на ЛЕСС особено е значајно што Куманово е најголема општина во државата со извонредна местоположба на крстосница помеѓу двата коридори 8 и 10 и како пограничен град во близина на најголемиот граничен премин во државата Табановце има поголема шанса за отворање и успешен развој. ам/дма/


Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан