• четврток, 26 декември 2024

Куманово објави повик за формирање на иницијативен одбор за конституирање на локално собрание на млади

Куманово објави повик за формирање на иницијативен одбор за конституирање на локално собрание на млади

Куманово, 25 септември 2024 (МИА) - Општина Куманово од денеска го почнува процесот за формирање на локалниот младински совет во општината, соопшти на денешната прес-конференција службеникот за млади од општината, Мартин Крстиќ.

Општината го распиша јавниот повик за избор на членови на иницијативниот одбор за конституирање на локално собрание на млади во општината. Ова е прв чекор за формирање на локалниот младински совет кој ќе придонесе за подобрување на состојбите на младите на локално ниво. Младинскиот совет ќе спроведува активности и политики за млади согласно Законот за младинско учество и младински политики.

Јавниот повик ќе биде активен наредните десет работни дена и можат да се номинираат млади од граѓански организации, од студентските и средношколските форми на здружувања, политички подмладоци, невладини организации.

Иницијативниот одбор ќе има минимум пет члена и ќе работи на подготовка на јавен повик за формирање на локалното собрание за млади, за номинирање делегати, заменици делегати кои доаѓаат од организациите.

Во наредниот период ќе има трет јавен повик, кој ќе го објави локалното собрание за млади за номинирање членови кои ќе членуваат во локалниот младински совет кој ќе има од девет до единаесет членови, што ќе зависи од бројот на пријавените.

- Се надеваме дека со формирањето на локалниот младински совет ќе се решат реалните потреби и барања, идеи на младите, заеднички преку ова тело ќе се реализираат. Локалниот младински совет ќе има и претставник кој на советот на општината ќе му предлага точки на дневен ред, изјави Крстиќ.

Активностите на советот ќе бидат насочени кон потребите на младите од Куманово и во него можат да членуваат лица од 15 до 29 години. Членството во советот ќе биде волонтерско, локалниот младински совет ќе има скромен буџет за одржување на седниците.

- Ги повикувам сите заинтересирани кои имаат идеи и сакаат да придонесат за развој на градот да се пријават. Огласот ќе биде достапен на веб страницата на општината, изјави Крстиќ.

Младите кумановци бараат повеќе културни, спортски активности, решавање на проблемите поврзани со заштита на животната средина. Огласот завршува на 8 октомври, годинава. ам/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан