• вторник, 24 декември 2024

Кумановец го искачи највисокиот врв Дамаванд во Иран и Мала Азија

Кумановец го искачи највисокиот врв Дамаванд во Иран и Мала Азија
Куманово, 24 октомври 2022 (МИА) - Бобан Стефановски, планинар од Куманово го искачи највисокиот планински врв Дамаванд во Иран и Мала Азија. Тој веќе десет години е планинар. Првпат на планината бил на покана на пријатели и го засакал планинарството. – Откако знам за себе, отсекогаш сум ја сакал природата. Љубовта кон планините и природата била отсекогаш присутна, меѓутоа, моментот кога првпат отидов на планина беше сосема случајно договорен претходниот ден со мои пријатели пред десетина години. И оттогаш не застанав, вели Стефановски. Трпеливост, кондиција, дисциплина и страст е потребно да се искачат врвовите. Стефановски вели дека одредени врвови имаат специфична мистичност која дополнително го привлекува, како што е случај со Дамаванд. – Секое искачување, секоја планина и секој врв се посебни на свој и единствен начин. Фактот дека Дамаванд е највисокиот врв во Иран и во Мала Азија, највисокиот стратовулкан во Азија, како и третиот највисок вулкан во источната хемисфера го прави да биде посебен, бидејќи е доста ретко искачуван од луѓето од наши простори, но и дека е познат како планината на гас и сулфур – на самата планина, близу кратерот на вулканот испарува сулфур, кој многу го отежнува искачувањето, посебно ако ветерот дува во вашиот правец и го носи непријатниот мирис накај вас, раскажува Стефановски. Искачувањето на Дамаванд, што е со височина од 5.609 метри, траело четири дена. Во искачувањето учествувале само тројца планинари од земјава. Врвот е специфичен, изгаснат вулкан од кој може да се забележи испарување на сулфур. Пред да го освојат Дамаванд, македонските планинари искачиле уште еден врв, Колумбастак висок 4.135 метри. Инаку, качувањето почнува од 3.000 метри. Првиот ден, планинарите пешачат до 4.200 метри, каде е првиот базен камп, одмараат, а вториот ден се искачува до 4.800 метри, процес кој е неопходен за телото да се климатизира. Потоа, повторно се спуштаат до 4.200 метри, преспиваат и веќе третиот ден се освојува врвот. Стефановски вели дека постојано тренира и ги искачува врвовите овде во државата и надвор. Речиси секој викенд во зависност од работните обврски е на планина. – Никогаш доволно од планина, вели кумановецот. Тој наведува неколку врвови кои ги искачил, Дамаванд (5.609 м. во Иран), Арарат (5137 м. во Турција), Мон Блан (4.810 м. Алпи), Зумштајн (4.563 м. Алпи), Брајтхорн (4.164 м. Алпи), Колун Бастак (4.137 м. во Иран), Гран Парадизо (4.061 м. Алпи), Мусала (2.925 м. на Рила), Митикас (2.918 м. Олимп), Вихрен (2.914 м. Пирин), Триглав (2.864 м. во Словенија), Боботов Кук (2.523 м. Дурмитор, во Црна Гора), Кораб (2.764м. Кораб), Титов Врв (2.747 м. Шар Планина). На прашањето зошто некои врвови се пониски, а потешки за искачување објаснува дека ѝ покрај тоа што одредени врвови се релативно пониски, предизвик е да се искачат, бидејќи зависи од конфигурацијата на теренот, видот на планина, степенот на стрмност, висинска разлика и должина на патеката, како и од периодот од годината кога се искачува. – Предизвик ми е искачувањето на високи планини и долги експедиции. Преку искачувањето на планините, се спознавам себеси, своите психо-физички способности и осознавам до каде се моите граници и до каде можам да одам. Откако знам со себе, постојано сум физички активен и се занимавам со некоја физичка активност. Освен, планинарење, долги години, уште од основна училишна возраст, рекреативно се занимавам со играње кошарка. Кошарката е ставена на пауза само одреден период пред некоја важна експедиција, со цел да ја избегнам можноста од некоја несакана повреда, која би ми ја загрозила експедицијата, вели Стефановски. Тој е лиценциран водич при ФПСМ (Федерација за планинарство на Северна Македонија) од 2015 година, како и лиценциран планинарски маркацист, член на комисијата за планинарски патеки при ФПСМ и член на младинската комисија при ФПСМ. Стефановски смета дека може уште повеќе да се искористи потенцијалот кој го има земјава богата со околу 40-тина планини и планински масиви. – Според ова, имаме огромен потенцијал за планински туризам и сите туристички гранки кои влегуваат во овој вид на туризам. Добро е целосно да се искористи потенцијалот, да се инвестира, да се промовира планинарството, планините, природата. А, посебно би обрнал внимание и би дал акцент на колективната свест за чување и зачувување на природата, планините, флората и фауната. Последните години, откако почна короната, сè повеќе и повеќе луѓе ги посетуваат планините, и овој тренд нема да застане во блиска иднина. Колку повеќе луѓе на планина, толку повеќе ѓубре се остава. Немаме доволно развиена колективна еколошка свест, вели Стефановски. Искусниот планинар и дипломиран филолог, преведувач и толкувач на англиски јазик, повикува соодветен кадар да работи на промоција на планинскиот туризам, соодветно да се одбележат и утврдат планинарски патеки според Законот за планински патеки, да се обезбедат спасувачки служби на сите планини, обучени, оспособени и искусни планинарски водичи од сите делови на државата, со цел водичка покриеност за секоја планина. Александра Максимовска

Остани поврзан