• среда, 25 декември 2024

Кузмановски: Не сум разочаран, но лут сум поради големиот број наши технички грешки

Кузмановски: Не сум разочаран, но лут сум поради големиот број наши технички грешки

Краков, 13 јануари 2023 (МИА) – Во таборот на македонската ракометна репрезентација се свесни дека големиот број грешки беа главната причина за вечерашниот висок пораз од Норвешка во првото коло на Светското првенство 2023.

Македонците вечерва во Краков загубија со 39:27.

За Филип Кузмановски ништо не е готово и треба да се задржи атмосферата во репрезентацијата на високо ниво.

-Норвешка не се победува со толку технички грешки. Самите сме виновни, тие со ништо не не изненадија. Не сум разочаран, но лут сум затоа што самите направивме многу грешки и им дозволивме серии голови по кои тешко беше да се вратиме резултатски. Норвешка е фаворит за златото. Ќе се подготвиме добро за следните две средби. Ние продолжуваме со добрата атмосфера, не се предаваме, одиме до крај.

Слично размислува и голманот Николче Митревски.

-Игравме 20 минути егал. Потоа се одлепија. Превисок пораз. Корпулентни се, добро играа одбрана, ја користеа секоја наша техничка грешка, Дадоа многу лесни голови. Тешко е да се игра со ваков калибар играчи. Имаме уште два натпревара во групата, ќе се фокусираме на нив, рече Митревски.

Македонската репрезентација в недела (15 јануари) се среќава со Холандија, а на 17 ќе игра против Аргентина. зс

Остани поврзан