• петок, 27 декември 2024

КУД „Дримкол“ од Вевчани и КУД „Илинден“ од Струга најдобри на фестивалот „Илинденски денови“-Битола

КУД „Дримкол“ од Вевчани и КУД „Илинден“ од Струга најдобри на фестивалот „Илинденски денови“-Битола

Битола, 31 јули 2021 (МИА)КУД „Дримкол“ од Вевчани е прогласена за најуспешна група што презентираше традиционална музика и игра, а КУД „Илинден“ од Струга е избрана за најуспешна група што презентираше староградска музика на фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“ кој синоќа заврши во Битола.

Со одлука на стручно жири, за најуспешна вокална група е прогласено трио „Кладенец“ од Теарце, за најуспешен инструментален состав награда доби ансамблот „Ќустек“ од Скопје, а за ансамбл со најдобра и најкомплетна изворна носија, највиско фестивалско признание доби ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија.

-Во изминатите денови со песна и со игра ја раскажавме приказната „Илинденски денови“. Секое ќоше на нашиот град стануваше сцена на нашиот фестивал, а секој случаен минувач беше фотограф или снимател на фестивалот. Гостите и публиката се споија во еден свет и силно, гласно ја претворија нашата Битола во најубавиот град на светот, затоа што светот ни беше дома, истакна директорката на битолскиот Центар за култура, Маја Андоновска Илијевски.

За македонскиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ јавна висока оцена даде Филип Бусон, претседателот на светската асоцијација на фолклорни фестивали-ЦИОФФ кој годинава беше гостин во Битола.

-Прекрасен е фестивалот „Илинденски денови“ и среќен сум што бев со вас и што изградивме силно пријателство. Поканата за престој во Битола ја добив од националната секција на ЦИОФФ на Македонија и се уверив дека дојдов на вистинското место. Се враќам во Париз, и на обвските во УНЕСКО, но ветувам дека повторно ќе дојдам во Битола затоа што тука има голем фестивал, рече Бусон и порача дека за да се изгради поубав свет и мир во светот, потребни се заедничка игра, заеднички песни и заедничко пријателство.

Во чест на наградените, пред броен аудиториум во Битола, синоќа настапија ансамблот „Македонија“ од Скопје, КУД „Дуле Милосавлевиќ“ од Чачак-Србија, ансамбл за танци плус фолклор од Елбасан-Албанија, сибирскиот фолклорен ансамбл од Краснојарск-Русија, а со посебен аплауз беше поздравен настапот на грчкиот фолклорен ансамбл „Елкелам“ од Атина кои на фестивалската сцена освен игра ги отпеаја песните „Битола мој роден крај“, „Ѓурѓо девојко“ и „Јовано, Јованке“, а пријатно изненадување за публиката беше и американската фолклорна група од државата Јута чии млади членови освен препознатлива игра на фестивалот ја испеаја македонската песна „Во Струга дуќан да имам“. мт/ац/

Остани поврзан